Стотина насобрани, повеќето навивачи на спортскиот клуб Трепча од Митровица, носеа албански знамиња, пееја албански патриотски песни и извикуваа УЧК / Photo: AA

Со силно полициско обезбедување, напладне во јужниот дел на Митровица, на плоштадот покрај мостот на Ибар, се одржа мирен собир на албанските граѓани, кои изразија поддршка на косовските власти по повод ситуацијата на северот на Косово.

Околу стотина насобрани, повеќето навивачи на спортскиот клуб Трепча од Митровица, носеа албански знамиња, пееја албански патриотски песни и извикуваа УЧК (ОВК).

Егзон Ислами, еден од граѓаните, врече дека младите се собрале да ја изразат својата лутина за случувањата на северот на Косово. Тој смета дека северниот дел на Косово, каде што живее српско население, е повеќе политичко прашање што може да се реши.

„Уморни сме од нив, 23 години по војната, 100 години под нивна окупација. Доста е веќе. Излеговме да го изразиме својот гнев“, рече Ислами.

Собирот беше организиран преку социјалните мрежи со повик за марш до северниот дел на градот, но Полицијата на Косово претходно ги повика граѓаните да не наседнуваат на тие повици, бидејќи имаат сомнителна заднина.

Главниот мост на реката Ибар, кој го дели градот на јужен и северен дел, е затворен за сообраќај и може да се помине само пеш. Митровица е град кој од 1999 година е поделен на јужен дел со мнозинско албанско население и северен дел со мнозинско српско население.

Денешниот собир се случи откако во општините на северот на Косово, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, изминатите денови се случија судири меѓу српските граѓани и специјалните сили на Полицијата на Косово и војниците на НАТО-трупите, КФОР, како и поради тоа што во тие општини продолжуваат протестите против присуството на косовските специјалци.

Српската листа на почетокот на ноември ги напушти сите косовски институции на северот на Косово поради одлуката за задолжителна пререгистрација на возилата од српски во РКС-таблички и поради тоа беа распишани вонредни избори. Тие избори српската заедница ги бојкотираше, па излезноста на гласачите беше помала од четири отсто, и за градоначалници беа избрани кандидати етнички Албанци.

AA
Популарни