Балканските возови се движат со неколку пати помала брзина од максимално дозволената     Фото: АА

Во развиените држави се прва алтернатива или соодветна замена на автобускиот па дури и на авионскиот сообраќај. На Балканот и натаму се синоним за бавен превоз и за доцнење. Брзината од 300 или 400 километри на час со која се движат супербрзите возови во Европа или Кина е незамислива за железниците во регионот.

Реалната или просечната брзина со која се движат најголем процент од нивните возови е од 50 до 80 километри на час која е неколкупати помала од максимално дозволената. Ова се должи главно поради лошата инфраструктура и стариот возен парк.

Околу 50 километри на час во Северна Македонија

Од 50 до 54 километри на час е просечната брзина со која се движат возовите во Северна Македонија. Железничкиот транспорт е во лоша состојба со децении. Некои делници кои ќе ја поврзат со соседните држави се најавуваат уште од осамостојувањето. Државата е без конкретна стратегија за модерна и брза железница, а не може да се пофали со голем број модерни и брзи возови. Бројот на патници кои се возат со воз драстично се намалува поради лошите услови, немањето линии и доцнењето.

Еден „Сокол” не прави реформа во Србија

Србија може да се пофали дека неодамна го доби „Сокол”, брзиот воз кој може да се движи и со брзина од 200 километри на час. Сепак генерално српската железница не е на завидно ниво. Доцнењата при поаѓање и пристигнување се нејзина честа карактеристика.

Речиси 2.500 километри е должината на сите пруги во Србија. Според податоците од Националната програма на јавната железничка инфраструктура од 2017 до 2021 година на пругите во земјата возовите можат да се движат до 100 километри на час. Но сепак фактичката состојба е максимална брзина од 60 километри на час и просечна брзина од 55 километри на час.

Оштетени пруги и слаба сигнализација и во БиХ

Од неколку соопштенија и изјави на железницата на Федерација Босна и Херцеговина се доаѓа до податокот дека просечната брзина на возовите во оваа земја е 60 километри на час. Како причини за бавниот превоз од претпријатието го истакнуваат оштетувањето на пругите и патните премини и слабата сигнализација. Сепак неколку медиуми во државата излегоа со написи дека тоа е всушност максималната брзина со која се движат возовите, а дека просечната е околу 50 километри на час. Сето ова резултира со помал број превезани патници и помали приходи.

50.000 патници месечно во Црна Гора

Ситуацијата не е многу поразлична ниту во Црна Гора. Максималната дозволена брзина на пругите во земјата е 80 километри на час. На почетокот на годината месечно со локалниот и меѓународниот железнички транспорт се превезуват околу 50.000 патници. Честите дефекти и застанувања на пругите се причина за доцнењата.

Две линии во Косово

Приштина-Хани и Елезит и Приштина-Пеќ се двете линии кои засега во потполност функционираат на Косово. Другите релации и покрај ветувањата делумно или целосно не се во функција. Застарените шини и вагони и во оваа држава се проблем. Направени се повеќе студии за обнова на косовската железница. Засега максималната брзина возовите е до 50 километри на час.

Неквалитетна пруга во Албанија

Проблеми со железницата има и во Албанија. Информациите за Албанија се дека возовите се движат со просечна брзина од 40 до 50 километри на час Поради лошата инфраструктура на некои делови брзината е ограничена на само 20 километри на час.

Каква е реалноста во државите со модерни возови

Колку за споредба супербрзите возови во Европа, Кина и Јапонија достигнуваат брзина која неретко е и десетпати поголема од онаа на балканските пруги. Кинеските возови, кои во некои случаи наместо шини користат и магнетни подлоги, возат со 430 километри на час. Во некои делови од Европа возовите се движат и над 300 километри на час.

TRT Balkan
Популарни