Босна и Херцеговина го поддржува Берлинскиот процес и неопходно е итно да се прекинат опструкциите од Република Српска, изјави членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ по средбата со албанскиот премиер Еди Рама денеска во Сараево.
„Нема оправдана причина ентитетот на РС да го блокира потпишувањето на трите договори потпишани од Зоран Тегелтија во име на Босна и Херцеговина. Особено е штетно што ентитетот на РС го блокира усвојувањето на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, тоа е директен удар за градењето добри регионални односи и тоа мора веднаш да се запре“, изјави Беќировиќ.
Тој и Рама оценија дека односите меѓу двете земји се пријателски и изразија задоволство од досегашната соработка.
Двајцата политичари потврдиле дека постои заеднички интерес за натамошно унапредување на постоечките добри односи и дека за тоа ќе придонесе отворањето на Амбасадата на Босна и Херцеговина во Албанија, како и отворањето на Амбасадата на Албанија во Босна и Херцеговина.
Беќировиќ го информирал Рама за загрозувањето на уставниот поредок на БиХ и укажал на сериозноста на ситуацијата во земјата.
Рама претходно се сретна со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Криста, а се одржа и средба на делегациите на Советот на министри на БиХ и на Владата на Република Албанија.
Посетата на Еди Рама на Босна и Херцеговина е дел од неговата балканска турнеја, како дел од подготовките за следниот Самит во рамките на Берлинскиот процес, кој ќе се одржи во средината на октомври во Тирана.
Тој вчера ги посети Скопје и Приштина, а денеска по Сараево ќе отпатува за Подгорица, додека вечерва во Белград ќе се сретне со Александар Вучиќ, претседателот на Република Србија.