Претседателката ја подвлече важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог / Фото: AA

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Конференцијата за климатски промени – КОП 29 во Баку, Азербејџан.

Како што соопштуваат од нејзиниот кабинет, разговорот траел еден час и се одвивал во конструктивна атмосфера. На состанокот се разговарало за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од заемен интерес.

Во соопштението се вели дека двајцата соговорници ги изложиле своите позиции во поглед на можните решенија за предизвиците на македонските евроинтеграции.

„Претседателката ја подвлече важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа и притоа посочи дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија. Таа нагласи дека односите треба да се развиваат врз основа на заемно почитување, поддршка и активна соработка што ќе придонесе за јакнење на довербата и пријателството меѓу двата народа“, стои во соопштението.

Од кабинетот на Давкова-Силјановска исто така информираат дека бугарскиот претседател Радев укажал на потребата од брзо решавање на отворените прашања, како и на потребата од воспоставување добри односи во сите области од заемен интерес за полесно меѓусебно разбирање.

Во разговорот, двајцата соговорници се согласија за организирање на официјални посети на кои ќе се конкретизираат заложбите за подобра севкупна соработка меѓу двете држави.

AA
Популарни