Српскиот претседател, Александар Вучиќ, денес во Белград разговараше со потпретседателката на Владата и министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон.
Вучиќ на Инстаграм објави слика од состанокот со словенечката министерка и посочи дека Словенија е еден од најзначајните партнери на Србија, како на полето на надворешнотрговската размена, така и во инвестициската соработка.
„Особено нè радува тоа што српските компании се сè поактивни како инвеститори во Словенија“, напиша Вучиќ по средбата.
Тој наведе дека на Тања Фајон ѝ рекол дека Србија е заинтересирана за понатамошно интензивирање на економската соработка, со посебен акцент на преработувачката индустрија, ИТ-секторот, банкарството и осигурувањето, како и обновливите извори на енергија.
Тој ја информираше и за ситуацијата во Косово и се заблагодари на Словенија за поддршката на европскиот пат на Србија.