Свечено отворање на академската 2024-2025 година на ИБУ во Скопје / Photo: AA

На Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје се одржа церемонија по повод почетокот на академската 2024-2025 година.

На церемонијата присуствуваа заменик-министерот за образование и наука на Северна Македонија, Лулзим Алиу, турскиот амбасадор во Скопје, Фатих Улусој, ректорот на ИБУ, проф. д-р Љутфи Сунар, претставници на ИБУ, на турски институции и организации во земјата, професори и студенти.

Во својот говор заменик-министерот Алиу изрази задоволство што е во ИБУ за почетокот на академската 2024-2025 година и рече дека денес ова не е само отворање на академската година, туку и нови можности за раст, знаење и соработка.

Посакувајќи им успех на студентите што го избрале ИБУ, Алиу рече: „Меѓународниот балкански универзитет секогаш ја покажувал својата посветеност на високите образовни стандарди. Верувам дека сте направиле одличен избор за вашето академско патување“, рече тој.

Алиу истакна дека ИБУ има репутација за поттикнување витална академска заедница, посочувајќи дека ова е важна работа во денешниот свет.

Тој нагласи дека соработката меѓу универзитетите и јавните институции игра клучна улога во надминувањето на предизвиците со кои се соочува општеството.

„Тука, на Меѓународниот балкански универзитет, со вашата разновидна заедница и меѓународна визија, вие сте во добра позиција да придонесете во денешните регионални и глобални предизвици во областите, како што се технологија, здравство, економија или општествени науки. Знаењата и вештините што ќе ги стекнете овде ќе ви овозможат да бидете активна личност за промени“, рече Алиу.

Тој додаде дека како Министерство целосно ги поддржуваат напорите на сите универзитети, како што е ИБУ, за градење мостови меѓу културите и различните народи.

Ректорот на ИБУ, Сунар, исто така, изјави дека денешниот ден не е само официјално отворање туку можност тие да размислуваат за вредностите што ги обединуваат како заедница.

Потсетувајќи дека универзитетот е основан во 2006 година, Сунар рече: „Горди сме на виталната глобална заедница што ја создадовме. Нудиме динамична и разновидна академска средина со 2.000 студенти од повеќе од 15 земји. Нашиот универзитет моментно има девет факултети и 25 додипломски и повеќе од 30 постдипломски програми.“

Сунар, исто така, потсети дека потпишале договори за соработка со многу универзитети низ светот, додавајќи дека денес отвориле нова Стоматолошка клиника и дека таа е најмодерна и најопремена стоматолошка болница во земјава.

Истакнувајќи дека за неколку недели ќе отворат нова библиотека со поддршка на Халкбанк, Сунар ѝ се заблагодари на управата на Халкбанк за поддршката.

Осврнувајќи се на настаните во Газа, Сунар рече: „Во однос на тековната војна и хуманитарната криза во Газа, би сакал да ги истакнам одговорностите што ги преземаат универзитетите во такви моменти. Како институции посветени на знаење, правда и човечко достоинство, не може да молчиме додека се случуваат такви ѕверства. Наша морална должност е да се залагаме за подигнување на свеста, за критички дијалог и да поттикнеме дејствување за мир и правда.“

Во рамките на настанот се одржа и отворање на „Балканска стоматолошка клиника“ што ќе работи во рамките на ИБУ, а за работата гостите ги информираше ректорот на ИБУ, Сунар.

AA
Популарни