Свечла: Србија го прекрши договорот за регистарските таблички / Photo: AA

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечла, изјави дека Србија го прекршила договорот од Брисел за престанок на издавањето нови регистарски таблички со симболите на косовските градови.

Свечла наведе дека Граничната полиција на Косово на неколку гранични премини евидентирала автомобили со нелегални регистарски таблички „КМ“, пререгистрирани во декември 2022 година.

„Врз основа на договорот меѓу Република Косово и Србија во Брисел во ноември 2022 година, Србија се согласи да го запре производството на нелегални регистарски таблички и пререгистрација на постоечките. Србија, врз основа на случаите прикажани на нашите гранични премини, целосно го прекрши овој договор“, напиша Свечла на Фејсбук.

Според неговите зборови, во согласност со косовското законодавство и договорот постигнат во Брисел, Косовската полиција не дозволила влез на овие возила на територијата на Република Косово, ниту пак ќе им биде дозволен влез на територијата на Косово.

Министерот Свечла ги повика сите граѓани, сопственици на автомобили со нелегални регистарски таблички да ги пререгистрираат своите возила со официјалните регистарски таблички на Република Косово (РКС).

Според договорот постигнат во Брисел на 23 ноември, Србија се обврза да престане да издава регистарски таблички со ознаки на косовските градови, а Косово да ги прекине понатамошните активности со пререгистрација на возилата.

Со тој договор, кој е постигнат под голем притисок на меѓународните фактори, првенствено на САД и ЕУ, за да се избегне ескалација на ситуацијата на северот на Косово, косовската власт се согласи на неодредено време да ја одложи одлуката за санкционирање на граѓаните кои поседуваат возила со стари регистарски таблички кои ги има издадено Србија.

Одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата со стари српски регистарски таблички на таблички со ознаката „РКС“ беше причина што на почетокот на ноември минатата година претставниците на Српската листа ги напуштија косовските институции на централно ниво и во четирите општини на северот на Косово со мнозинско српско население, вклучително и полицијата и правосудството.

TRT Balkan / агенции
Популарни