Побрз проток на луѓе и стоки преку граничниот премин Табановце- Прешево и борбата со нелегалната миграција биле главните теми на разговор меѓу министрите за внатрешни работи на Северна Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ во просториите на СВР Куманово.
На средбата беше разговарано за модалитетите на понатамошно унапредување на досегашната одлична соработка помеѓу двете министерства, координација за учество на српската делегација на Симулациска вежба за размена на информации во реално време за криумчарење мигранти и трговија на луѓе долж источно-медитерантската рута која ќе се одржи од 14 до 17 октомври во Охрид.
Исто така на средбата се разгледа и нацрт текст за Договор помеѓу двете влади за воспоставување на заеднички контроли во рамките на One Stop shop концептот на заедничкиот граничен премин за меѓународен патен сообраќај Табановце - Прешево.
„Ги констатиравме фазите за постигнатото во сето она што го преземавме како планови и обврски во рамки на последната посета. Продолживме да разговараме за темата од минатиот пат а тоа е подобрување на транзитот на нашите граѓани на граничните премини со тоа што договорено е во рамки на техничките групи меѓу двете министерства да има континуирани средби за реализација на крајното решение за One Stop Shop системот. Овој проект е многу значаен за двете држави и мораме да го реализираме што побрзо и веќе од следната туристичка сезона да имаме брз проток на патници и стоки преку заеднички контроли на граничните премини“, потенцираше Тошковски.
Тој додаде дека одличната соработка меѓу двете министерства и полиции ќе продолжи и ќе се надградува и во делот на заеднички и взаемни обуки со цел подигнување на капацитетите на двете полиции во борбата со сите видови криминал и предизвици од областа на безбедноста.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ потенцираше дека ова е трета заедничка средба на која прецизно ги дефинираат чекорите и работите кои треба да се направат за да се решат проблемите и со тоа да се олесни животот на граѓаните на двете држави.
„Најголемиот проблем на кој сме фокусирани е долгото чекање на границата за нашите граѓаните и се веќе работиме со конкретни чекори и тимови на двете министерства тоа да се операционализира и процесот да усоврши така што нема веќе да постои таков проблем. Во насока на другите проблеми како илегалната миграција знаете дека со заедничка работа меѓу двете полиции е направено многу за да се намалат преминувањата на илегалните мигранти и добивме пофалби за тоа од страна на Европската комисија и Унија. Тоа е заеднички проблем па добиваме и ќе добиваме поддршка во вид на логистика и материјално-технички средства од самата ЕУ за справување со илегалната миграција“, подвлече Дачиќ.
Двата министри на крај истакнаа дека двете полиции соработуваат одлично и таа соработка ќе се унапредува во делот на организираниот криминал, нелегалната миграција, трговијата со луѓе, шверцот со дрога, борбата против тероризмот и брзата размена на информации.