Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска престојува во работна посета на Република Албанија, каде што оствари работна средба со министерот за внатрешни работи на Албанија, Ервин Хоџа.
На средбата двајцата министри констатирале дека досегашната соработка е на високо професионално ниво, со тенденција за унапредување преку склучување на договори и протоколи за соработка.
„Со министерот Хоџа разговаравме на теми коишто се од заеднички интерес за нашите граѓани. Прва тема беше воспоставување на 'One Stop Shop' систем којшто ќе овозможи побрз трансфер на патници во рамки на граничните премини коишто ги имаме со Република Албанија. Тој систем веќе е во напредна фаза на имплементација со Република Србија и со Република Косово, сѐ со цел да го забрзаме протокот на патници на овие гранични премини, со максимално намалување на времето на трансферирање на патниците од овие држави“, рече Тошковски.
Двајцата министри разговарале и за можноста полициските службеници да продолжат да патролираат во двете држави за време на летната сезона во туристичките зони во Албанија и во Македонија.
„Секако, фокус на средбата ставивме и на оперативните аспекти на двете министерства во борбата против транснационалниот организиран криминал, илегална миграција и криумчарењето лица“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот за внатрешни работи на Албанија, Ервин Хоџа, го потенцираше заедничкиот проект за рехабилитација и реконструкција на Граничниот премин Блато - Спас и управување на границите на двете земји со финализирање на веќе дискутираниот и изготвен договор за одржување на граничните ознаки со нашата земја.
Двајцата министри ја потврдија подготвеноста за продлабочување на билатералната и оперативна соработка помеѓу двете министерства, како и заложбите за унапредување на традиционално добрите добрососедски односи и регионалната соработка, како и успешното спроведување на имплементациските протоколи на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа и заедничкото учество во регионалните иницијативи.