Три жени од скопското село Грчец загинале кога автомобилот во кој се возеле вчера излетал од локалниот пат Сарај- село Рашче и паднал во водите на реката Вардар, соопшти МВР.
Според полицијата, несреќата се случила околу 16 часот, по што на местото се упатени полициски службеници, Итната медицинска помош и јавен обвинител.
„Околу 21 часот полициски службеници од САЕ „Тигар“ од водите на реката Вардар го извадиле возилото „ауди“ со скопски регистерски таблички, во кое биле пронајдени три починати женски лица Н.А.(23), В.А.(25) и З.А.(59) сите од с.Грчец. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени за обдукција“ рекоа од МВР.
Во несреќата полесно е повредено четиригодишно дете-сопатник, кое според очевидци, излетало од возилото пред тоа да падне во реката. Случајни минувачи го однеле детето во Градската општа болница „8 Септември“.
Од МВР информираат дека се трага по А.А.(56) од с.Грчец,скопско, кој според исказ на роднини, бил во возилото пред да излета од патот.
„Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје, а екипи на СВР Скопје и Одделот за специјални полициски операции со физичко пребарување и пребарување со два дрона од страна на САЕ „Тигар“ и Единицата за брзо распоредување преземаат мерки и активности за пронаоѓање на лицето“, велат од МВР.
За несреќата се огласија и од Основното јавно обвинителство Скопје.
„И покрај исклучително тешките услови на непристапен терен, беа преземени сите дејствија за обезбедување траги и докази со цел да се утврдат причините за несреќата. Заедно со автомобилот, од водите на Вардар беа извадени три починати женски лица, за кои е издадена наредба за обдукција. По уште едно лице се трага, додека во автомобилот патувало и дете кое е пронајдено повредено надвор од возилото, па е пренесено на Клиничкиот центар. Според првичните сознанија, со возилото управувала една од починатите“, соопштија од ОЈО.
Обвинителството ќе даде наредба за вештачење на автомобилот.
По насоки на јавен обвинител се разговара со очевидци на настанот, како и со блиски на семејството во возилото со цел да се испитаат сите околности.