Турскиот амбасадор во земјава Фатих Улсој, беше во посета на Собранието на Република Северна Македонија, каде што оствари средба со пратеници од Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија и со Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Туркије.
Како што соопштија од Собранието, на средбата беа реафирмирани традиционално пријателските и партнерски односи меѓу двете земји и одличната соработка во повеќе области, при што беа посочени и конкретни предлози за нејзино продлабочување.
Посебен акцент беше ставен на парламентарната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Туркије, при што, исто така, беа изнесени мислења за поголема динамика во комуникацијата меѓу законодавните домови на двете држави.
Претседателот на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија, Муса Џафери, меѓу другото, нагласи дека односите меѓу Северна Македонија и Туркије се на завидно ниво уште од почетоците на независноста на нашата држава. Притоа, тој рече дека во наредниот период би можеле да се разгледаат можностите за нов импулс во трговската размена, по излегувањето од ковид-кризата.
Претседателот на ПГ за соработка со Парламентот на Република Туркије, Бејџан Илјас, истакна дека оваа средба е значајна за евалуација на севкупните односи меѓу двете земји. Тој го истакна и придонесот на турската етничка заедница во земјава во повеќе области од општествениот живот.
Амбасадорот Улсој потенцираше дека оваа средба е значајна затоа што се случува во неделата кога Република Туркије го одбележува Денот на Републиката, односно 101 година од прогласувањето на турската Република.
Улсој нагласи дека Туркије посебно ја вреднува парламентарната соработка меѓу државите, како основа за јакнење на вкупните билатерални односи. Тој го истакна и значењето што го дава неговата земја на односите со другите земји од Балканот.
Амбасадорот, исто така, се осврна и на соработката меѓу Северна Македонија и Република Туркије во рамки на НАТО.