Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пристигна во Тирана, главниот град на Албанија, каде што ќе се сретне со официјални претставници.
Ердоган на Меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“ во Тирана беше пречекан од голем број албански претставници, меѓу кои вицепремиерката на Албанија и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балука, министерот за надворешни работи Игли Хасани, министерот за внатрешни работи Ервин Хоџај и амбасадорот на Република Туркије во Тирана, Тајар Каган Атај.
Потоа претседателот Ердоган се упати кон Претседателскиот кабинет, каде што ќе оствари средби со делегациите и со албанскиот претседател Бајрам Бегај.
Со Ердоган во Тирана допатуваа и неговата сопруга Емине Ердоган, министерот за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар, министерот за млади и спорт Осман Ашкин Бак, министерот за индустрија и технологија Мехмет Фатих Каџир, министерот за трговија Омер Болат, директорот за комуникации на Туркије, Фахретин Алтун, директорот на Националната разузнавачка агенција Ибрахим Калин и други турски официјални претставници.
Ердоган за време на посетата на Албанија ќе ја отвори и Големата џамија во Тирана (Намазѓа), која ја носи титулата најголема џамија на Балканот.
Во пресрет на посетата на Ердоган, турски и албански знамиња беа истакнати на плоштадите и булеварите во Тирана, како и на џамијата.
Џамијата Намазѓа е изградена со финансиски придонес на турската Управа за верски прашања и Турската фондација Дијанет (ТДВ).
Џамискиот комплекс се состои и од работни простории, библиотека, културен центар, паркинг, изложбен салон, кафетерија и конференциска сала.
Ердоган, за време на посетата на Албанија, ќе се сретне и со премиерот Еди Рама.
Турскиот претседател вечерва по Тирана ќе отпатува за Србија каде утре ќе оствари средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.