Полициски службеници од Полициската управа на Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево спровеле оперативна акција со кодно име „Такси“ во која едно лице е уапсено и запленети над 100 килограми дрога.
Дрогата и оружјето е пронајдено во претреси извршени во месноста Стари Град, а уапсен е Х.М. (47) таксист од Сараево.
Според полицијата, кај осомничениот се пронајдени два килограми кокаин, над четири килограми амфетаминска дрога спид, повеќе од 80 килограми марихуана, повеќе од 26.000 таблети или 13,5 килограми екстази, повеќе од 30 литри масло од амфетамин, две пушки, пет пиштоли, два пригушувачи за пиштоли и над 400 куршуми од различен калибар.
Проценетата пазарна вредност на запленетата дрога е повеќе од еден милион конвертибилни марки или околу 500.000 евра.
Против Х.М. се поднесени кривични пријави поради постоење основи на сомнение дека сторил кривични дела неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, како и неовластено држење оружје или распрскувачки материи.
По кривичната постапка, 47-годишниот осомничен ќе биде предаден во натамошна надлежност на Кантоналното обвинителство на Кантонот Сараево.