Уште два земјотреси со јачина од 5 и 4,5 степени според Рихтеровата скала го „потресоа“ грчкиот остров Санторини во петокот наутро, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар.
Земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала е регистриран во 9:11 часот на 30 километри североисточно од градот Фира на Санторини.
Пет минути подоцна се случи земјотрес со јачина од 5 степени со епицентар на 12 километри североисточно од Фира.
Грчката влада вчера прогласи вонредна состојба во Санторини, откако светски познатиот туристички остров во Егејското Море во последните денови беше погоден од серија земјотреси.
Повеќе од 10.000 жители и туристи беа евакуирани.
Областа беше погодена од повеќе од 6.400 земјотреси во изминатите десет дена, што предизвика загриженост кај научниците и жителите, од кои многумина го напуштија островот.
Според податоците на Националниот универзитет во Атина (НКУА), сеизмичката активност ги покажува карактеристиките на т.н рој земјотреси, термин кој се користи за опишување на серија земјотреси, од кои ниту еден не бил значително посилен од другите и не може да се окарактеризира како голем сеизмички настан.
НКУА наведува дека се можни две сценарија: бројот на сеизмички активности би можел постепено да се намалува со помали потреси во текот на следните неколку месеци или „рој земјотреси“ може да предизвика поголем, главен земјотрес проследен со „типична секвенца од последователни потреси“.