Одлуката е укинувачка, а не поништувачка што значи дека изводите на кои постои делот „националност“ и понатаму ќе важат. / Photo: Уставен суд на РСМ

Уставниот суд го укина делот „националност” во три члена од матичната книга на родените, на венчаните и на умрените. Судот оцени дека барањето на овој податок од граѓаните при впишувањето во матичните книги е во спротивност со темелната вредност на слободно изразување на национална припадност предвидена со Уставот.

Одлуката како што соопштија од судот е укинувачка, а не поништувачка што значи дека изводите на кои постои делот „националност“ и понатаму ќе важат.

Уставниот суд, како што изјави портпаролката Христина Беловска по денешната одлука, оценил дека барањето на овој податок при впишување во матичните книги е во спротивност со темелната вредност на слободно изразување на националноста што е предвидено со членот 8 став 1 алинеја 2 од Уставот.

„Овој член од Уставот вклучува не само право на поединецот слободно да одлучи да се изјасни за сопствената националност, туку и право да не се изјасни по ова прашање вклучително и да ја промени декларираната националност, што не беше возможно со одредбите кои денеска се укинати“, изјави Христина Беловска, портпаролка на Уставниот суд, во изјава за медиуми по денешната седница.

Дополни дека Уставниот суд ја донел одлуката поаѓајќи од фактот дека станува збор за приватно и внатрешно чувство на човекот и никој не може да биде принуден тоа чувство да го манифестира во јавноста и уште повеќе да биде предмет на задолжително институционално администрирање во јавни исправи, со оглед дека Уставот преку член 18 ја гарантира тајноста и сигурноста на личните податоци на граѓаните.

„ Дополнително, преку членот 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста, неговиот семеен и личен живот, на достоинството и на угледот“, рече таа.

Со оглед на денешната одлука, посочи Беловска, повеќе не постои правен основ во матичните книги за родени, венчани и умрени да се бара податок за националноста.

Таа потенцираше дека не станува збор за истиот предмет со кој беше поништено Упатството за водење на матични книги.

„Не станува збор за еден предмет, тоа беше засебен предмет, Уставен суд веќе одлучуваш и го поништи. Ова е посебен предмет кој е поднесен на иницијатива на политичка партија „Левица“. Се разгледуваше законот кој што беше донесен во 1995 година, односно тие три ставови од Законот за матична евиденција“, рече таа.

Графата за национална припадност беше воведена со одлука на министерот за правда Кренар Лога минатата година во мај. Тој објави упатство за матичните служби врз основа на закон од 1995-та година, што беше оспорен пред Уставниот суд кој го поништи поради тоа што не бил испочитуван рокот за негово објавување.

Уставен побара и мислење од Венецијанската комисија која како пример ги посочила Србија и Хрватска каде тоа е по избор на граѓаните, додека во сите земји од ЕУ воопшто нема графа за национална припадност во изводите.

TRT Balkan / агенции
Популарни