Италијански брод денеска се закотви во албанското пристаниште Шенѓин за да ја донесе првата група од 16 мигранти чии барања за азил ќе бидат разгледани во Албанија.
Бродот Либра го напушти италијанското пристаниште Лампедуза во понеделникот со десет мажи од Бангладеш и шест од Египет, кои беа спасени на море откако испловија од Либија.
Во Шенѓин ќе се изврши идентификација и лекарски преглед. Во Италија ќе можат да влезат само оние чии апликации се одобрени.
Минатата недела Италија официјално отвори два центри во Албанија за обработка на барањата за азил.
Италија најави дека не планира да ги раздвојува семејствата и дека ќе прифаќа жени, деца и стари лица, болни и жртви на тортура.
Според петгодишниот договор потпишан во ноември минатата година од италијанската премиерка Џорџа Мелони и албанскиот премиер Еди Рама, до 3.000 мигранти фатени од италијанската крајбрежна стража во меѓународните води секој месец ќе бидат преселени во Албанија.
Овој контроверзен договор за префрлање на барателите на азил во земја која не е членка на Европската унија беше пофален од некои земји кои, како Италија, трпат голем товар од мигрантите. Сепак, групите за човекови права го критикуваа, предупредувајќи на можни прекршувања на човековите права.