Во Белград и во неколку поголеми градови во Србија денеска се одржа 15-минутен протест наречен „Застани, Србијо“ во знак на оддавање почест на 15-те граѓани кои загинаа во уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Заедно со претставниците на опозицијата и голем број граѓани, на протестот учествуваа и студенти од неколку српски универзитети, ученици од Гимназијата „Јовина“ во Нови Сад и некои други гимназии, кои симболично оддадоа едноминутно молчење за секој загинат во трагедијата во Нови Сад.
Акцијата беше претежно мирна и достоинствена, со помали расправи и инциденти на одредени места, јавуваат локалните медиуми.
Во објавата за одржување на протестот, се повикуваа граѓаните во 11:52 часот да застанат, да престанат со сѐ што прават, без разлика дали се во автомобили или како пешаци на улиците или на нивните работни места, во училиштата и факултетите.
Во трагедијата што се случи на 1 ноември, кога се урна натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, загинаа 15 лица.