Во Косово денес се одржуваат првите редовни парламентарни избори од прогласувањето независност.
На изборите право на глас имаат 2.075.868 косовски граѓани, од кои 1.970.944 се гласачи кои својот глас ќе можат да го дадат во границите на Косово на биралиштата кои се отворени од 7 до 19 часот.
Во однос на гласањето надвор од Косово, право на глас имаат 104.924 граѓани кои живеат во дијаспората, со можност за остварување на гласачкото право од 9 јануари до 8 февруари.
За прв пат во Косово се регистрирани 125.852 нови гласачи.
Косовските гласачи можат да гласаат во 941 гласачки центар низ земјата. Вкупно 28 изборни листи со вкупно 1.280 кандидати заверени од Централната изборна комисија (ЦИК) се дел од изборната трка. Меѓу 28-те изборни листи има 20 политички партии, пет коалиции, две граѓански иницијативи и еден независен кандидат.
Бројот на набљудувачи во овој изборен процес изнесува над 18 илјади. Процесот го следат и над 100 набљудувачи на Европската Унија, кои доаѓаат од 18 различни земји на ЕУ, со цел „да се одржат демократските стандарди“, на покана на косовската претседателка Вјоса Османи.