По претставувањето на новата дигитална платформа за вести ТРТ Балкан во Анкара на 15 јуни пред бројни високи гости, промоцијата на оваа дигитална платформа се одржа и во Скопје.
Дигиталната платформа ТРТ Балкан, која ја покрена Турската радио-телевизија ТРТ, содржините ги објавува на македонски, албански и БХС (босански, хрватски и српски јазик), а целта е да допре до речиси 30 милиони гледачи на Балканот и дијаспората.
Иновативен и професионален новинарски пристап ќе го збогати дигитален интернет сајт, но и социјалните мрежи Инстаграм, Фејсбук, Твитер, Јутјуб и ТикТок. Ќе покрива политички, општествени, културни и економски теми во чиј фокус е човекот. Редакциите на ТРТ Балкан се наоѓаат во Скопје и Сараево, а вечерва во Скопје е одржана свечена промоција на оваа дигитална платформа за вести.
„ТРТ Балкан ќе биде уште еден мост меѓу Туркије и балканските држави“
Генералниот директор на ТРТ Мехмет Захид Собачи беше домаќин на церемонијата одржана во Куршумли Ан во Старата скопска чаршија, на која присуствуваа турскиот амбасадор во Скопје Хасан Мехмет Секизќок, претседателот на Управниот одбор на ТРТ, Ахмет Албајрак, замениците генерални директори на ТРТ, Омер Фарук Танриверди, Мухамед Зијад Варол, Фети Фахри Каја и Мустафа Малкоч, како и политичари, претставници на турски институции и организации во земјава и други гости.
Мехмет Захид Собачи - генералниот директор на ТРТ, изјави дека ТРТ Балкан ќе воспостави уште еден мост помеѓу Туркије и балканските држави и ќе придонесе за посилни политички, трговски, образовни и културни односи.
„ТРТ, кој е гласот на Република Туркије, туркискиот свет, регион кој ни е при срце и на сите оние игнорирани во светот, внимателно го следат сите народи на Балканот со голем интерес. За нашите сонародници, кои се дел од етничкиот мозаик и културното богатство на Балканот, ТРТ е глас и здив на свеж воздух од татковината. Со својата работа и емитувани содржини се трудиме да не остане невозвратена довербата која и е укажана на нашата институција. Освен тоа што донесуваме вести од регионот на екраните преку нашите телевизиски канали, како што се „ТРТ Хабер“, „ТРТ Аваз“ и „ТРТ Турк“, придонесуваме и кон претставување на овој регион во светот со разни содржини како документарни филмови, патописни емисии, тв-серии и филмови специфични за Балканот. Со активирањето на нашата дигитална платформа за вести ТРТ Балкан, сега додаваме нова димензија на нашите содржини на ТРТ, кој емитува програми и содржини на 41 јазик и дијалект, вклучувајќи и јазици од овој регион.
Тој додаде и дека верува оти ТРТ Балкан со содржините на балканските јазици ќе биде новиот глас внатре во регионот, кој се отвора и кон Туркије и кон светот.
„ТРТ Балкан ќе поддржи и борба против дезинформациите, кои се најголем проблем со кој медиумите денес се соочуваат и ќе го претставува новинарството на ТРТ во регионот кое трага по вистината и настојува брзо да ја соопшти вистината“, додаде генералниот директор на ТРТ, Собачи.
„ТРТ додаде нов тон на богатството на мултикултурноста на Балканот“
На церемонијата присуствуваше и турскиот амбасадор во Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок кој изјави дека овој настан одбележува нов исчекор на ТРТ, светскиот медиумски бренд.
„Нашите историски заеднички врски и понатаму ќе не поврзуваат и ќе ја збогатат нашата заедничка култура и културата на народите на Балканот и овие простори. Туркије под водство на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја продолжува поддршката на балканските земји на сите полиња, беше фактор на поврзување и покажа дека е со своите браќа во овие земји. Минуваме низ период на најголемите и најбрзите промени било кога. Туркије во овој период стана предводник на низа иновации и оствари напредок во многу области, вклучувајќи ја одбраната, здравството и електонската индустрија. Во сите овие околности и ТРТ, како една од коренитите установи на Туркије, направи голем, нов исчекор во својата област на делување. Отвори врати, со кои на народите на Балканот, на нивните јазици им дава брзи и богати вести и медиумски содржини. ТРТ Балкан додаде нов тон на шареноликоста и богатството на мултикултурноста на Балканот“, рече во своето обраќање амбасадорот Секизќок.
ТРТ веќе емитува содржини на пет меѓународни канали: „TRT World“, „TRT Arabi“, „TRT Russian“, „TRT Deutsch“ и „TRT Francais“. ТРТ Балкан со емитување започна минатата недела, со официјална церемонија одржана во Анкара.