Во главниот град на Албанија, Тирана се одржува Самитот на лидерите на Европската унија (ЕУ) и земјите од Западен Балкан, а станува збор за прва средба на врвот што се одржува во една од земјите од споменатиот регион.
Покрај највисоките функционери на ЕУ, на собирот ќе учествуваат и лидери на 27 земји членки и држави од регионот.
Со Самитот ќе претседава претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел, а на состанокот присуствува и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Во главниот град на Албанија доаѓаат 44 делегации, бројни лидери на ЕУ, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Состанокот на врвот е можност повторно да се потврди клучната важност на стратешкото партнерство помеѓу ЕУ и Западен Балкан, регионот кој има јасна перспектива кон ЕУ“, соопштено е од ЕУ.
Главни теми на самитот се справување со последиците од војната во Украина, интензивирање на политичкиот ангажман, зајакнување на безбедноста и градење отпор кон надворешно мешање, како и справување со предизвиците што ги носи миграцијата, борбата против тероризмот и организираниот криминал.
„Челниците ќе разговараат за соработката во однос на заедничките предизвици кои произлегуваат од руската агресија врз Украина. Тие поконкретно ќе разгледаат како да дејствуваат во однос на нејзините негативни ефекти врз енергетската безбедност и безбедноста на снабдувањето со храна во Западен Балкан“, соопштено е од Брисел.
Според официјалната агенда на самитот, за денес наутро е закажано потпишувањето на договорот меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан за намалување на цените на роаминг, по што ќе се одржат пленарните сесии.
На крајот е предвидена заедничка прес-конференција, на која ќе се обратат Мишел, Фон дер Лајен и албанскиот премиер Еди Рама.
Учесниците на самитот треба да усвојат декларација со која ќе се потврди посветеноста на перспективата за членство во ЕУ за земјите од Западен Балкан и забрзување на тој процес.
Состанокот на врвот се одржува во рамките на имплементацијата на Стратешката програма на Европскиот Совет за период 2019-2024.