Премиерот на Албанија, Еди Рама, потврди дека двата сателита на Албанија се лансирани во вселената. Премиерот Рама на социјалните мрежи објави и видеоснимка од лансирањето на сателитите.
„Од Кејп Канаверал во Флорида со ракетата „Фалкон 9“ е лансирана заедничката мисија „Спејс икс Транспортер 6“, која во вселената ги транспортира и нашите сателити, „Албанија-1“ и „Албанија-2““, напиша Рама.
Потсетуваме, во септември минатата година беше потпишан договор за сателитска услуга меѓу Албанија и операторот „Satellogic USA Inc“ во областа на одбраната и безбедноста за мониторирање на територијата на земјата.
Според албанските власти, договорот се состои од ексклузивна употреба на два сателити во период од три години, за мониторирање на територијата на Албанија, за развој на технички и професионални капацитети за користење на сателитската услуга, обработка на Геопросторни информации (ГИС), како и обезбедување снимки.