Во земјите од регионот одбележан празникот Водици / Photo: AA

Во земјите од регионот денес се одбележува христијанскиот празник Водици.

По повод празникот, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје се одржа литургија.

По одржаната литургија, поглаварот на Македонската православна црква, г. г. Стефан, во водите на реката Вардар, од мостот „Слобода“ во центарот на Скопје, го фрли крстот.

Оваа година околу 100 учесници влегоа во водите на реката Вардар за да го фатат крстот.

Кристијан Нинески од Скопје успеа да го фати крстот кој беше фрлен во водите на реката Вардар. Нинески во изјава за медиумите рече дека по третпат го фаќа крстот.

Традиционално, на овогодишната церемонија присуствуваа илјадници граѓани, меѓу кои и функционери.

Овој христијански празник се одбележа со литургии во црквите во градовите низ земјата.

Традиционалното пливање за крстот по повод празникот Водици се одржа ширум Србија, а во Земун на Дунав беше посебно организирано за мажи и жени.

Пливаа вкупно 350 учесници од кои повеќе од 20 беа жени, а организаторите истакнаа дека овогодишното пливање беше најмасовно досега.

Во пливањето кај мажите крстот го фати Душан Новаковиќ, а кај жените Зорица Анастасиеви.

Традиционалното пливање за крстот кое требаше да се одржи денес напладне по повод Водици, не се одржа поради вонредни временски услови.

Митрополитот црногорско-приморски Јоаникије испрати допис во кој силно препорача и предложи, поради временските услови, кои претставуваат опасност по човечките житови, да не се одржи пливањето за крст.

Митрополитот нагласи дека ова особено се однесува на оние места каде постојат реални и големи ризици за учесниците во пливањето, каде се плива во ладни, надојдени реки, море, со силни и опасни водени струи.

Според христијанското верување, се смета дека на овој ден сите води се крстени, и дека оној што ќе го најде крстот, ќе го следат среќа и бериќет во текот на целата година. Водици е ден во кој, според христијанското учење, Св. Јован Крстител го крстил Исус во реката Јордан.​​​​​​​

Со овој празник завршува циклусот зимски празнувања, во кои спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божиќ, Василица и други празници.

TRT Balkan / агенции
Популарни