Премиерот на Србија во заминување, Милош Вучевиќ денеска изјави дека владејачката коалиција е поблиску до одлука за формирање нова влада, но дека не може да ја исклучи можноста за распишување избори.
Вучевиќ додаде дека конечната одлука ќе биде донесена за десет дена, објавија српските медиуми.
Тој изрази желба неговата одлука да поднесе неотповиклива оставка да помогне да се смират тензиите во општеството, како и да се покаже дека има одговорност во политиката.
Вучевиќ изјави дека ќе следи закажување собраниска седница на која пратениците треба да се изјаснат за оставка, по што ќе започне рокот од 30 дена.
„Мислам дека сме поблиску до нова влада, но не можам да исклучам избори. Двете опции се на маса“, изјави Вучевиќ.
Тој во вторникот поднесе оставка поради настаните во Србија, која повеќе од два месеци е место на студентски протести и блокади по падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 15 лица.