Србија е „апсолутно спремна да дискутира со Приштина и да направи компромиси околу Косово“, рече во вторникот српскиот премиер Милош Вучевиќ за агенцијата Франс Прес (АФП), во пресрет на средбата на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти во Брисел. Ова е нивна прва средба во последните речиси година дена.
„Компромис, тоа значи никој во потполност да не победи, ниту никој во потполност да не загуби“, рече Вучевиќ во интервју за АФП.
„Подобро е да се седне, да се состане, да се разговара, да се направат обиди за разговори. Се е подобро од ескалација. Големите нации, големите држави, не се големи поради својата територија туку поради одговорноста во барањето на мирот“, додаде Вучевиќ.
Белград „не ѝ помага на ниту една завојувана страна“ Вучевиќ рече и дека Белград „не ѝ помага на ниту една завојувана страна“ во војната во Украина дури и ако спрското оружје се најде на украинскиот фронт откако го набавија западните земји.
„Не сакам да ги спречам компаниите да продаваат наша муниција во Шпанија, Чешка, САД…Бидејќи не е забрането и не е неморално ние да произведуваме оружје и муниција, кое, за жал, се користи каде е војна“, додаде тој. Весесникот Фајненшнал Тајмс објави неодамна проценки дека Србија индиректно преку други земји од почетокот на руската инвазија врз Украина извезла во таа земја муниција во вредност од околу 800 милиони евра.