Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека учествува на Самитот Европска Унија (ЕУ) - Западен Балкан во Албанија за да ги искаже ставовите на неговата земја, нагласувајќи дека секогаш е подобро да се биде присутен на преговарачката маса, во спротивно, како што рече, „ќе бидете на нејзиното мени“.
Вучиќ одговараше на новинарски прашања пред Самитот ЕУ - Западен Балкан што се одржува во Тирана, главниот град на Албанија.
Тој рече дека имал дилема дали да учествува на овој самит, додавајќи дека денеска е во Тирана како резултат на разговорите што ги имал со колегите.
Вучиќ изјави дека Србија ќе го продолжи својот пат кон членство во ЕУ.
„Дојдов во Тирана да ги добијам ставовите на лидерите на ЕУ и регионот, но и да кажам што мисли Србија. Секогаш е подобро да си на маса, инаку ќе бидеш на менито“, рече тој.
На новинарско прашање дали Србија ќе воведе санкции кон Русија, Вучиќ рече: „Србија е независна земја. Свесни сме што очекува ЕУ од нас кога се во прашање санкциите. Но, во 1999 година беше нападнат и територијалниот интегритет на Србија.“
Во рамките на Самитот во Тирана, Вучиќ оствари билатерални средби со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, со албанскиот премиер Еди Рама и со претседавачката со Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ.
Вучиќ претходно изјави дека нема да учествува на Самитот во Тирана, реагирајќи на назначувањето на Ненад Рашиќ за министер за заедници и враќањето од страна на премиерот на Косово, Албин Курти. Сепак, Вучиќ вчера го најави учеството на Самитот.