Србија е цврсто решена да го забрза европскиот пат кон ЕУ, но дека очекува јасни сигнали за поддршка од Европа на тој пат, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
„Недвосмислено му кажав на Мицотакис дека Србија е цврсто решена да продолжи и да го забрза својот европски пат, дека сме благодарни на Грција за таа поддршка и дека тоа не е само фраза што политичарите ја изговараат, туку дека е од суштинско значење за нашата земја“, рече Вучиќ.
Тој посочи дека со Мицотакис разговарал и за ПЕМ Конвенцијата, т.н зелени ленти, како и Агендата за раст.
„Но исто така кажав дека разбирам дека во Европа не се секогаш задоволни од сите наши потези, но и дека во Европа мора да разберат дека и ние очекуваме јасни сигнали за поддршка на Србија на нејзиниот пат“, нагласи Вучиќ.
Подобрување на соработката на различни полиња
Претседателот на Србија изјави дека со Мицотакис разговарал и за соработката во енергетскиот сектор - енергија, нафтоводи, гасоводи, набавка на гас, обновливи извори на енергија, ветерници, паркови за батерии.
Тој на заедничката прес-конференција рече дека теми на разговор биле соработката на електроенергетските компании од двете земји, транспортот и инфраструктурата.
„Градиме брзата пруга од Белград до Ниш, останува да се премости низ територијата на Северна Македонија. Грција ја завршува брзата пруга до границата со Северна Македонија. Ова ни е важно поради нашите туристи , кои ќе бидат блиску до Солун“, изјави Вучиќ.
Тој посочи дека тоа е важно и затоа што на Србија и треба пристаниште поради извозот, кој ќе биде поголем.
„Србија и Грција секогаш меѓусебно си го поддржувале територијалниот интегритет и верувам дека така ќе биде во иднина“, рече Вучиќ и додаде дека е среќен што Србија и Грција негуваат добри пријателски и братски односи и дека со Мицотакис разговарал за сите аспекти на билатералната соработка.
Тој потсети дека оваа година двете земји слават 145 годишнина од односите и дека ова ќе биде важна година на огромен раст на заедничките економски односи и трговска соработка, но и година во која ќе се одржи четвртиот совет за соработка.
„Имавме отворен, искрен, пријателски разговор за сите важни прашања. Научив многу од него, научив за важни работи со кои не бев запознаен бидејќи не сме дел од ЕУ“, рече Вучиќ.