Заедничка седница на владите на Хрватска и Босна и Херцеговина / Photo: AA

Во Загреб започна заедничката седница на Советот на министри на Босна и Херцеговина и Владата на Република Хрватска.

На дневен ред на заедничката седница се вклучени низа заклучоци од заеднички интерес за Босна и Херцеговина и Хрватска, кои дополнително ќе ги подобрат билатералните односи.

Пред седницата се одржа средба меѓу Борјана Кришто, претседавач со Советот на министри на БиХ, и Андреј Пленковиќ, премиерот на Република Хрватска. По седницата се планира потпишување на договори.

Меѓу темите на седницата е соработката и помошта на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија, како и прекуграничната и развојна соработка, европските програми за прекугранична и регионална соработка, соработка во областа на користење на средствата на Европската Унија, соработка во областа на дипломатската обука и во рамките на меѓународните и регионалните организации и иницијативи.

На дневен ред е и тематиката за изградбата на Центарот за депонирање радиоактивен отпад на локацијата Черкезовац на Трговска Гора во Хрватска, како и влијанието на проектот „Горни хоризонти“ врз сливот на реката Неретва.

Планирано е и потпишување на договор меѓу Советот на министри на Босна и Херцеговина и Владата на Република Хрватска за реконструкција на мостот Брчко (БиХ) - Гуња (ХРВ) и договорот за реконструкција на мостот Нови Град (БиХ) - Двор (ХРВ).

На дневен ред е и иницијативата за склучување договор за соработка за проектот за изградба на нови мостови преку реката Сава (мостот Брчко - Гуња и мостот Орашје - Жупања, како и проектот за изградба на делницата Окучани - граница БиХ преку реката Сава.

На дневен ред е и вовед во изработка на проектна документација за експресниот пат Мостар - Широки Бријег - Груде - граница на БИХ/ХРВ (Горица/Долни Вињани), иницијативата за склучување договор за соработка на проектот за изградба на експресен пат Јајце - Бихаќ - Велика Кладуша - граница БИХ/ХРВ, проект за изградба на гасовод „Јужна интерконекција на Босна и Херцеговина и Република Хрватска“, иницијатива за склучување договор за соработка на проектот за реконструкција на патот Пошушје - Аржано, делница Вир - граничен премин Пазар Аржано, како и иницијатива за склучување договор меѓу Советот на министри на Босна и Херцеговина и Владата на Република Хрватска за утврдување на граничната процедура за железничките гранични премини Шамац - Славонски Шамац (Север ) и Чапљина - Метковиќ (Југ) на Коридорот 5ц.

Ќе се разговара и за соработката во областа на миграцијата и азилот, цивилната заштита, како и во областа на граничните премини и управувањето со границите.

Хрватскиот премиер Пленковиќ во своето воведно обраќање рече дека седницата се одржува со цел да се унапредат односите меѓу двете земји.

„Живееме во време на изменети геополитички околности, пред сè, предизвикани од пандемијата на Ковид-19, но пред сѐ од руската агресија врз Украина, која ги доведе и нашите земји, но и Европа и целиот свет во контекст на енергетска и прехранбена криза и инфлациски притисоци. Процесот на патот за влез на Босна и Херцеговина во Европската Унија е поважен од кога било досега, и тоа на институционален и забрзан начин. Ќе ја поддржиме Босна и Херцеговина на нејзиниот пат кон Европската Унија, ќе го поддржиме вашето унапредување на односите и со Северноатлантскиот сојуз“, нагласи Пленковиќ.

Говорејќи за денешната седница, тој рече дека на дневен ред ќе има триесетина теми.

„Ова е можност да се еманципираат сите теми и сите членови на Владата да станат свесни за широчината на заедничките прашања кои се од интерес за двете земји. Тоа особено се гледа во напредната економска соработка. Фактот дека достигнавме четири милијарди евра во трговијата, што е за 50 отсто зголемена стоковна размена во однос на 2021 година, зборува за интензитетот на нашите односи, како и за инвестициите од Хрватска во Босна и Херцеговина“, објасни Пленковиќ.

Тој истакна дека сакаат да ја интензивираат инфраструктурната и енергетската поврзаност.

„Сакаме да се продолжи со работата на Коридорот 5ц, кој е од стратешко значење, а исто така да ги унапредиме сите проекти кои се однесуваат на мостовите, премините преку Сава, особено мостот кај Градишка. Особено сакам да истакнам дека новата меѓународна позиција на Хрватска со нејзиното членство во Шенген-просторот и еврозоната, е можност и за Босна и Херцеговина. Не сакаме нашето членство да претставува некаква бариера за граѓаните на Босна и Херцеговина. Сакаме максимално да се овозможи флексибилност во комуникацијата и преминувањето на границата, што ќе биде во корист на граѓаните од двете страни на границата“, рече Пленковиќ.

Тој додаде дека денешната седница е позитивен импулс во натамошниот развој на односите меѓу Босна и Херцеговина и Хрватска.

Претседавачот на Советот на министри на БиХ, Кришто, рече дека седницата има големо значење и важност за потврдување на досегашните добри односи меѓу двете земји.

„Но и подготвеноста да се движиме кон натамошно зајакнување и унапредување на соработката, како на политичко, така и на економско и на секое друго поле.

Билатералните односи меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина се засноваат на заеднички историски и културни врски, но исто така се насочени и кон иднината. Преку соработка и дијалог на двете земји можеме да ги зајакнеме нашите врски и да работиме заедно за да изградиме просперитетна и сигурна иднина за сите нас. Односот е партнерски и добрососедски, што ни овозможува сите отворени прашања да ги решаваме во тој дух“, порача Кришто.

TRT Balkan / агенции
Популарни