Македонските граѓани бираат претседател на државата / Photo: TRT Balkan

Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, дури се срамам зарем е можно толку луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна од многу работи, само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин. Во тоа ве уверувам, од првиот ден, изјави кандидатката за претседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, во своето прво обраќање по завршувањето на првиот круг од македонските претседателски избори.

Дополни дека треба, како што рече, „да ги инспирираме граѓаните дека вреди да се учествува на избори.“

„Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот круг, јас ќе се однесувам и во вториот круг кон оној со кој ќе треба да се натпреварувам, со должна почит. Се разбира очекувам таков однос. Не мислам дека треба да фрлиме сенка кон она што се случуваше денеска, треба да ги инспирираме граѓаните, да ги увериме дека вреди да се учествува на избори, да се чуе дека сум горда, особено на граѓаните, а без граѓани нема горда Македонија“, дополни таа.

Силјановска-Давкова во водство

Кандидатката за претседател на државата предложена од коалицијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова по обработени податоци од над 97 проценти од избирачките места има убедливо водство на првиот круг од претседателските избори.

Според податоците од ДИК предноста на Силјановска – Давкова во однос на Стево Пендаровски, актуелен претседател на државата и кандидат на владејачката СДСМ и коалицијата е повеќе од двојна.

Силјановска – Давкова до сега има освоено 354.603 или 40,20 проценти од гласовите.

Пендаровски, освоил 176.364 гласови или 19, 99 проценти.

На трето место според обработените гласови е Бујар Османи кандидат на коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ. Тој освоил 117.968 или 13,37 проценти од гласовите.

Кандидатот на опозициската коалиција во албанскиот блок „Вреди“, Арбен Таравари, добил поддршка од 9,34 проценти. За него гласале 82.362 избирачи.

За Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ, гласале 78.836 односно 8,94 проценти од граѓаните.

Билјана Ванковска, кандидатката на Левица, има поддршка од 4,66 проценти. Ја поддржале 40.252 гласачи.

Стевчо Јакимовски, кандидат на ГРОМ, Интегра и ПЦЕР добил поддршка од 7.950 гласови односно 0,90 проценти.

Пендаровски: Резултатите не се такви какви што очекувавме

Резултатите не се такви какви што очекувавме, разликата ќе биде околу 130.000. Очекувавме помалку, но утре е нов ден, од утре повторно почнуваме со средби со граѓани кои ги пратикувавме и досега и почнуваме практичнo од нула, истакна вечерва кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, истакна на прес-конференцијата по завршување на првиот круг од гласањето на претседателските избори.

„Тргнуваме од нула, од почеток. Моја задача ќе биде, како и во изминативе 20 дена, да го промовирам концептот во кој длабоко верувам, а тоа е интегрирана држава, без поделби. Ги охрабрувам граѓаните кои не излегоа во првиот круг, да учестуваат во вториот круг, затоа што веруваат дека победникот ќе се решава во вториот круг. Имаше седум кандидати како никогаш досега, и веројатно тоа беше една од причините зошто гласовите се поделија на повеќе страни и веројатно некои од кандидатите кои отпаднаа во првиот круг земаат дел од она што беше претпоставено електорат на првите два кандидати кои продолжуваат понатаму“, рече Пендаровски.

Тој истакна дека „очекува уште поголем одѕив и уште поголем бројка да го препознаат концептот – демократска, просперитетна држава, рамноправна со сите нации.“

Според досегашните резултати на ДИК, по Силјановска-Давкова и Пендаровски, трет по бројот на освоени гласови во првиот круг од претседателските избори е кандидатот на коалицијата Европски фронт, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи, со освоени 13,68% гласови, а по него следуваат Арбен Таравари, кандидат на коалицијата „Вреди“ со освоени 9,63% гласови, Максим Димитриевски од партијата ЗНАМ со освоени 8,76%, кандидатката Билјана Ванковска поддржана од Левица освои 4,43%, додека кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, освои 0,92%.

ДИК: Излезноста изнесува 49,75%

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски истакна дека излезноста на гласачите според податоците од 3.156 избирачки места изнесува 49,75 отсто. На гласање излегле 810 971 гласачи. Важечки гласачки ливчиња се 789 031, а неважечки 21. 946 гласачки ливчиња.

Даштевски оцени дека изборниот ден минал мирно, а граѓаните достоинствено гласале. Сите учесници биле достоинствени, немало проблеми.

„Деведесет и девет отсто работите минаа како што треба“, рече претседателот на ДИК.

Над 1,8 милиони гласачи

На изборите своето право на глас можеа да да го искористат 1 814.317 македонски државјани.

Ова се седми по ред претседателски избори на кои во првиот круг изборниот процес учествуваат седум кандидати. Исто толку кандидати имаше и во 2009 година.

Седум кандидати за претседател

Актуелниот претседател Стево Пендаровски, кандидат на коалицијата предводена од Социјал демократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) се бори за втор мандат. Гордана Силјановска – Давкова е кандидатка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери. Бујар Османи е кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и коалицијата, а Арбен Таравари е адут на во албанскиот политички блок. Кандидатка на Левица е Билјана Ванковска, Максим Димитриевски е кандидат на ЗНАМ, а Стевчо Јакимовски на коалицијата ГРОМ, Интегра и ПЦЕР.

Претседател може да биде лице кое на „денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот“. Мандатот на претседателот е пет години и едно лице може да биде избрано за оваа функција најмногу два пати.

Два круга претседателски избори

Според законодавството кандидатот за претседател можел да победи во прв круг доколку освоел над 50% од гласовите на сите регистрирани гласачи во избирачкиот список. Доколку ова не се случи, се одржува втор круг на избори, во кој се натпреваруваат двата кандидати со најмногу гласови од првиот круг. Одзивот во вториот круг треба да биде над 40% за гласањето да се смета за важечко.

Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добил потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

Вторкиот круг од претседателските избори е закажан за 8 мај, заедно со редовните парламентарни избори.

Од ДИК информираат дека постои изразен интерес и за набљудување на овие избори од страна на домашни, странски и меѓународни организации и медиуми.

ДИК досега издаде акредитации за набљудување на 342 домашни, 517 странски и меѓународни набљудувачи, 51 преведувач и 32 странски новинари.

МВР: Не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир

До сега Министерството за внатрешни работи нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето, кое, генерално, се одвива мирно, без проблеми, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција.

TRT Balkan
Популарни