Врховниот суд на Албанија одлучи да не ја прифати жалбата поднесена од основачот на платформата Тодекс, Фарук Фатих Озер, кој се спротивстави на одлуката со која се дозволува негова екстрадиција во Туркије.
Според официјалните информации објавени на веб-страницата на Врховниот суд на Албанија, денеска е одлучено за „Одбивање на жалбата поднесена од подносителот Фарук Озер, против одлуката на Апелациониот суд во Драч“.
Во Врховниот суд, случајот беше официјално регистриран на 13 март, каде Озер поднесе жалба, оспорувајќи ја одлуката со која се дозволува негова екстрадиција во Туркије.
Во меѓувреме, со завршувањето на процесот во Врховниот суд, министерот за правда на Албанија одлучува за екстрадиција.
Потсетуваме дека на 17 ноември 2022 година, Основниот суд во Елбасан одлучи да дозволи екстрадиција на Озер во Туркије, одлука која беше обжалена.
Апелациониот суд во Драч на 30 декември 2022 година ја потврди одлуката на Основниот суд Елбасан со која се дозволува екстрадиција во Туркије на турскиот државјанин Озер.
Во моментов Озер е во притвор и се наоѓа во затвор во Албанија, додека судскиот процес во врска со неговата екстрадиција е завршен во прв и втор судски степен.
Случајот против Фарук Фатих Озер
Озер, кој се бараше со црвена потерница од Туркије и беше прогласен за меѓународно барано лице, беше уапсен на 30 август во Албанија и се товари за кривичните дела „Формирање криминална организација“ и „Измама со тешки последици“.
Турското обвинителство на 22 април 2021 година официјално ја започна истрагата по жалбите на корисниците дека немале пристап до сметките на берзата за криптовалути „Тодекс“ и дека сопственикот на компанијата ја напуштил земјата.
Потоа беше потврдено дека осомничениот сопственик на компанијата, Фарук Фатих Озер, ја напуштил земјата на 20 април 2021 година.
Турските надлежни органи издадоа наредба за апсење за многу осомничени, меѓу кои и за Озер, по кого претходно беше распишана потерница.
На 23 април 2021 година, црвена потерница за Озер издаде и Интерпол.