Сериозни напади врз новинарите, решавање на нерешените случаи на напади врз медиумските работници, заштитата на јавниот интерес преку слободата на говор, транспарентноста на надлежните институции и соработката помеѓу еснафските здруженија со МВР и Јавното обвинителство, како и заштитата на новинарите. Ова беа дел од темите на кои се дискутираше за време на денешната прес-конференцијата која денеска ЗНМ ја организираше, а со која се одбележа Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите. На настанот покрај претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, беа присутни и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, јавниот обвинител Љупчо Коцевски и претседателот на ССНМ, Павле Беловски.
Во своето обраќање, Чадиковски стави акцент на статистиката во однос на нападите на новинари, со акцент на последните два случаи, ризиците од SLAPP тужби, како и нерешените случаи од 27 април.
„Безбедноста на медиумските работници и борбата против неказнивоста на злосторствата против нив е директно поврзана со демократските вредности на едно општество. Бараме итно решавање на сите отворени случаи во кои врз новинари се применува насилство. Вербалното насилство и малтретирањата, преку онлајн платформи, бара сериозен одговор од МВР и Обвинителството. Граѓаните бараат од нас верно да им служиме. Да не потклекнуваме на насилниците, да не шуруваме со политичките партии, да информираме за злоупотребите на бизнис моќниците. Затоа ни треба целосна поддршка, транспарентни и фер постапки, за да обезбедиме медиумски простор ослободен од страв и закани“, рече Чадиковски.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја истакна важноста на новинарите како чувари на демократијата, како и фактот дека без разлика дали станува збор за физичка или вербална закана кон новинари, има сериозен пристап од страна на МВР и останатите истражни органи во третирање на овие случаи.
„Новинарите треба да претставуваат чувари на демократијата и вашето значење во рамки на едно демократско општество не треба да е спорно за никого затоа што кога имаме соодветен степен на слобода на говор, кога имаме истражувачко новинарство, кога имаме сигурни и безбедни новинари, кога имаме забрана за цензура во рамки на едно општество, така може да се надеваме дека ќе се качиме на скалилата кои што би требало да не доведат до едно нормално демократско општество. Секаков тип на закана физичка и вербална, особено кога е насочена кон новинари треба да има сериозен опфат во рамки на работењето на Министерството за внатрешни работи и во рамки на работењето на другите истражни органи во Македонија“, кажа Тошковски.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски директно се обрати на новинарката Мирослава Симоновска, која е последен регистриран случај на ЗНМ за закана, велејќи дека Јавното обвинителство активно работи на разрешување на случајот.
„Со оглед на случувањата изминатите неколку дена, чувствувам обврска наместо декларативните заложби за унапредување на заштитата на слободата на говор да започнам со едно мое лично обраќање со кое на дело ќе ја покажам позицијата на институцијата која ја предводам по ова прашање. Основното јавно обвинителство интензивно постапува по твојата кривична пријава. Уверувам дека Обвинителството презема сè за да го расчисти случајот. Знам дека целиот случај добива на тежина поради инволвираноста на јавен обвинител, но ЈО има механизми со кои ќе обезбеди независно и објективно постапување по твојата пријава“,рече Коцевски.
Претседателот на ССНМ, Павле Беловски изрази загриженост за зголемената бројка на напади и потребата од дополнитлена соработка со институциите.
„Загрижуваат вербалните напади, навредите, омаловажувањата, особено преку социјалните мрежи, кои воопшто не се наивни и не смее да се сметаат за безопасни. Дури 45 проценти од новинарите доживеале некакви омаловажувања или дискредитација, а 25 проценти некаков тип на закани и заплашувања. Исто така, интересен е и податокот дека на прашањето дали по нападот добиле некаква поддршка од државните институции само 14 проценти одговориле позитивно. Овој податок ни укажува дека постои уште многу празен простор за дополнителна работа и соработка помеѓу соодветните државни институции и новинарските организации со цел подобрување и на комуникацијата и на одговорите и адресирањето на нападите врз новинарите, рече Беловски.
За важноста на овој ден говореше новинарката Маја Јовановска, која потсети на бројката на евидентирани злосторства на новинарите во Македонија и светот.
„Целта на овој ден е да се сврти вниманието на високиот процент на неказнивост на злосторствата над новинарите, кој останува глобален предизвик. Од 2006 до 2024 година убиени се над 1 700 новинари и медиумски работници ширум светот, при што во речиси 90 проценти од случаите изостанала правдата, односно или не се расчистени случаите или нема судски епилог. Од почетокот на судирот во Газа лани во октомври животот го загубиле 146 медиумски работници. Во Северна Македонија, како и во многу други земји, овој ден е можност да се алармира дека неказнивоста на насилствата продуцира нови напади и ги охрабрува насилниците, а кај новинарите и медиумските работници предизвикува страв дека ќе бидат мета на закани, цензура и автоцензура“, рече Јованоска.
Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата врз новинарите , 2-ри ноември, е признаен од страна на Обединетите нации. Овој ден се одбележува за да се сврти вниманието на прашањето за неказнивост, што се однесува на неизведувањето пред лицето на правдата на сторителите на кривични дела против новинарите и медиумските работници.