Постојат бројни истражувања направени на темата зошто луѓето стареат, а и покрај различните резултати, овој процес низ кој минува човекот, конечно може да се сведе на неколку клучни одредници.
За стареењето, имено, одговорни се гените кои одредуваат со која брзина телото старее и колку ќе живееме, иако многумина научници тврдат дека и самите можеме да влијаеме на гените, односно на сопствената ДНК.
Како и да е, на самиот процес значително влијае и начинот на живот на секој од нас, бидејќи со лош и неквалитетен живот (несоодветна исхрана, пушење цигари, консумација на алкохол, слаба физичка активност, пречесто употребување лекови…), се оштетува и нашата ДНК. А тоа, придонесува кон побрзо стареење - затоа во тоа се крие одговорот зошто некои луѓе изгледаат многу постаро од својата реална биолошка старост, но и обратно.
Но едноставно кажано, причина за стареењето е комбинација на генетско наследство и стилот на животот, а оваа природна појава дефинитивно е невозможно да се запре.
Да се успори, да се ублажи - да; но не и да се спречи. Науката, медицината и фармаколошката индустрија не ја пронајдоа тајната на вечната младост, неостварена желба на милиони жени и мажи уште од древни времиња.
Стареењето е прогресивен губиток на телесните функции проследен со зголемен ризик од дегенеративните болести, но сепак, некои студии предупредуваат дека може да се старее прилично достоинствено - на начин што нема да остариме нагло, „преку ноќ“.
Сепак, за такво нешто е неопходно да се одржува телесна, социјална и духовна активност, физички активности или спорт (според сопствени можности), урамнотежување на исхраната, која треба да биде разновидна, максимално избегнување на стресот (колку што е можно), а, освен тоа, и да се избегнува сето она што луѓето ги прави нервозни, уплашени, тажни…
Колку и да изгледа сето ова невозможно, секој може да пронајде свој сопствен дел од Вселената во која ќе чувствува мир и спокој, како еден од предусловите за одржување на здравјето и психичкиот мир.