Триесет дена Северна Македонија со кризна состојба ќе го надополнува недостатокот во снабдувањето со топлинска енергија во градот Скопје и електрична енергија во целата држава. Македонската влада донесе одлука кризната состојба да започне од 1 септември.
„Првата одлука е донесена заради недостиг на топлинска енергија, неможноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот со топлинска енергија, а втората заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија”, се вели во владиното соопштение.
Комисијата за следење на состојбите со снабдување со топлинска и електрична енергија во перидот кој претстои ќе ја анализира состојбата на енергетските пазари и ќе предлага мерки.
Мерки за штедење и поголемо производство
Од 1 септември ќе стартуваат и мерките за штедење на електрична енергија кои ќе важат до почетокот на март следната година. Засега не се најавени рестрикции. Надлежните најавуваат дека ќе има доволно струја ако се остварат плановите на Електростопанство на Северна Македонија.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека споредено со 2021 година е планирано АД ЕСМ да произведува 25 проценти повеќе струја. Со тоа би се надоместил оној дел од електричната енергија кој е неопходен за граѓаните и малите потрошувачи.
Исто така во погон ќе бидат ставени сите производствени капацитети за производство на електрична енергија.
Каква е состојбата во другите земји од регионот?
И другите земји од регионот на различен начин ќе се справуваат со енергетската криза. Косово по втор пат се соочува со рестрикции. Минатата година беше донесена одлука за прекин во снабдувањето со електрична енергија по два часа дневно. Слични мерки се воведени од 15 август годинава. Снабдувањето со струја ќе биде само од домашно производство бидејќи земјата нема пари да купува струја на меѓународните пазари. Според косовската компанија за електродистрибуција, домаќинствата ќе имаат струја по шест часа, а потоа следуваат рестрикции од два часа.
Во одредени ситуации Албанија му помогна на Косово и најавените рестрикции не беа спроведени.
Од друга страна албанскиот премиер Еди Рама неодамна најави дека се можни рестрикции бидејќи земјата не добила доволно струја. Тој додаде дека владата подготвила план за вонредна заштеда на електрична енергија во кој се предвидува и рестрикција во случај на потреба.
Рама побара од граѓаните да штедат електрична енергија. Дневната потрошувачка на електрична енергија во Албанија е околу 25 милиони киловат часови.
Властите во Србија уверуваат дека имаат план за справување со кризата. Рестрикции не се најавени, но според министерката за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ можно е поскапување од десет проценти.
Електропривреда БиХ во едно од последните соопштенија наведе дека нема да има рестрикции во федерацијата. Парламентот минатата година донесе одлука според која цената на струјата не може да порасне повеќе од 20 проценти.
Црногорското електростопанство ги повика граѓаните да штедат струја за да се избегнат рестрикции.
Во првата половина на годината земјата за увоз на струја платила 80,7 милиони евра, а за истиот период минатата година државата издвоила 21,4 милиони евра.