Новиот јапонски суперкомпјутер е подготвен да направи револуција во компјутерското инжинерство, отклучувајќи невидени брзини и унапредување на научните откритија и способностите за вештачка интелигенција.
Јапонија е на работ на голем скок во сферата на изработка на суперкомпјутери со планираниот „Фугаку Некст“, суперкомпјутер од зета класа кој ќе биде илјада пати побрз од денешните системи.
Оваа напредна машина ќе биде прва од ваков вид, способна да работи со зета ФЛОПС брзини. Тоа е неверојатна брзина на ниво на секстилиони операции со подвижна запирка во секунда.
Проектот „Фугаку Некст“ го одобри јапонското Министерство за образование, култура, спорт, наука и технологија (МЕКСТ), кое издвои буџет од 780 милиони долари.
Изградбата треба да почне во 2025 година, а суперкомпјутерот се очекува да биде целосно оперативен до 2030 година.
На крајот ќе преземе некои задачи од постоечкиот суперкомпјутер „Фугаку“, но ќе обезбеди далеку поголема процесорска моќ, пренесува „Саенс Алерт“.
„Работата со пресметките со вештачка интелигенција, особено кога станува збор за генеративни алатки за ВИ, како што е Чет ЏПТ, е процес кој многу бара и може да биде една од клучните области каде што блеска „Фугаку Некст“, се вели во официјалната информација за проектот објавена од МЕКСТ.
„Фугаку Некст“ ветува дека ќе го продолжи наследството на својот претходник, суперкомпјутерот „Фугаку“, кој веќе е еден од најбрзите во светот.
Суперкомпјутери како „Фугаку“ се користат за различни научно-истражувачки цели, од моделирање на климата на Земјата до симулирање мисии во длабоката вселена.
Додека суперкомпјутерите сè уште се базираат на традиционални процесори и меморија, нивната висока приспособливост овозможува многу посложени симулации и побрзо решавање на проблемите.
Со претстојниот суперкомпјутер „Фугаку Некст“, Јапонија ги поместува границите на компјутерската моќ, поставувајќи нов глобален стандард за суперкомпјутери до 2030 година.