Европа ќе вложи 43 милијарди евра во производство на клучните чипови     Фото: AFP

Европските земји начелно ги усогласија заедничките позиции за новата регулатива „Закон за чипови“ со која ќе се поттикне развојот на европската индустрија за полуспроводници и ќе ја намали зависноста на оваа клучна технологија од извозот од Азија и САД.

Главните пречки околу кои повеќе помали членки на ЕУ имаа дилеми, беше финансирањето на новата регулатива, како и искористувањето на предвидените предности.

За помалите земји е клучно развојот да биде рамномерен, наместо позитивните ефекти да ги почувствуваат само најбогатите членки кои ќе имаат доволно финансии за изградба на предвидените мега фабрики за производство на чипови.

„Советот го усвои својот став („општ пристап“) за предложената регулатива со која се воспоставува рамка на мерки за зајакнување на европскиот еко-систем на полуспроводници, попознат како „Закон за чипови“, соопшти Европскиот совет.

Европа со големи апетити

Се проценува дека до 2030 година индустријата за полуспроводници ќе вреди 1 билион евра, а Европската Унија планира дотогаш да го удвои пазарното учество од сегашните 10% на 20%.

За да се исполни овој амбициозен план предвидена е изградба на мега фабрики за масовно производство на чипови, како и програми за истражување и развој, основање на центри за обука и едукација, како и зајакнување на синџирот на достава на европско тло со вкупно финансирање од 43 милијарди евра.

Првиот столб на планот ќе се финансира од „Хоризонт“ и „Дигитална Европа“ европските програми со вкупно 3.3 милијарди евра. Дел од предвидената финансиска рамка ќе ја обезбеди ЕУ преку заедничкиот буџет, а дел потоа ќе биде инвестиран од приватните компании.

Како ќе се гради европската чип индустрија?

Во усогласените позиции под водство на чешкото претседателство на ЕУ исто така е утврдено дека ако постои итна состојба тогаш производството на чипови може да ги надмине и основните еколошки параметри и јавниот интерес.

Предвидено е да се формира Европски одбор за полуспроводници (ЕСБ), нова институција во која ќе има претставници од националните влади на земјите членки на ЕУ, и кој ќе одлучува за изградба и финансирање на програмата за чипови.

Исто така европските институции ќе може да донесат одлуки за укинување на дозволите за изградба на мега фабриките доколку тие повеќе не ги исполнуваат условите, но претходно ќе треба да се консултираат со ЕСБ.

Европа засега се соочува со недоволен капацитет за дизајнирање и производство на сопствени напредни чипови кои се неизоставен дел од индустријата, безбедноста, комуникациите, потрошувачката електроника, складирањето податоци, мобилните телефони и компјутери, како и енергетиката.

Мотив плус за новата програма за чипови е и лошото искуство од претходните години кога поради различни кризи беа прекинати синџирите на достава на полуспроводници, како и разгорената војна за чипови меѓу САД и Кина.

TRT Balkan / агенции
Популарни