Тимот научници од три универзитети во Германија и Швајцарија истражувале 5.040 подземни гаражи во Берлин и го пресметала степенот на затоплување на подземните води во близина, по што заклучиле дека вкупната создадена енергија би можела да снабдува околу 14.660 домаќинства со греење
Подземните гаражи делуваат како грејачи на почвата, а според новото истражување од Германија и Швајцарија, генерираната енергија би можела да се искористи за загревање на зградите.
Научниците од Универзитетот во Хале и од Технолошкиот институт Карлсруе, како и од универзитетот во Базел, ги анализирале температурите во 31 подземна гаража во различни градови во Германија, Австрија и Швајцарија.
Во шест од нив успеале да ја измерат и температурата на подземната вода во непосредна близина. Резултатите покажаа дека подземните гаражи ги загреваат подземните води во текот на целата година.
На резултатите влијаел обемот на сообраќај во подземните гаражи, нивната близина до подземните води и температурата на подземните води.
„Бидејќи јавните подземни гаражи често се закопуваат подлабоко и се користат пократко, тие повеќе ги загреваат подземните води отколку приватните објекти, изјави Максимилијан Ноетен, автор на студијата од Хале.
Вишокот топлина во тлото во иднина би можел да се користи со помош на топлински пумпи.
„Предноста на ова би била енергијата да се црпи од подземните води“, рече Ноетен.
За 5.040 подземни гаражи во Берлин, тимот го искористи моделот за да го пресмета степенот на затоплување на подземните води.
Научниците дошле до заклучок дека вкупната создадена енергија би можела да снабдува околу 14.660 домаќинства со греење.
„Се разбира, само топлината од подземните води не е доволна за да ги покрие потребите за греење на град како Берлин или дури и земја како Германија. Ниту, пак, нивото на температурата на подземните води блиску до површината е доволно за загревање без топлинска пумпа, вели Питер Бајер, автор на студијата од Универзитетот во Хале.
„Сепак, од претходните работи знаеме дека потенцијалот за геотермална енергија оди многу подалеку од ова и дека може да игра значајна улога во одржливото снабдување со топлина“, рече тој.