Повеќето автомобили на европските патишта произведуваат исто ниво на емисии на јаглерод диоксид (ЦО2) како и пред една деценија, објавија ревизорите на Европската унија (EЦA) во средата, предупредувајќи дека ЕУ е на пат „да не ја постигне својата цел за 2030 година“.
До крајот на деценијата, ЕУ се обврза да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 проценти во споредба со нивоата од 1990 година. Неуспехот значително да се намалат емисиите на ЦO2 е предизвикан од „бавното воведување на електрични возила низ целиот континент“, додава EЦA.
„Постојаните подобрувања во технологијата на моторот и воведувањето на хибридни погонски единици ги направија моторите поефикасни, но зголемената маса на возилото во комбинација со помоќни мотори го негира постигнатиот технолошки напредок“, се вели во извештајот.
Просечната тежина на автомобилот се зголеми за околу десет проценти помеѓу 2011 и 2022 година, додека моќноста на моторот се зголеми за 25 проценти.
Емисиите на новите автомобили почнаа значително да се намалуваат дури во 2020 година, наведуваат медиумите.
„Ова главно се должи на значителното зголемување на бројот на електрични возила, додека реалните емисии на ЦO2 од автомобилите со мотори со внатрешно согорување не се намалени“, се наведува во извештајот.
Дупки во законите
Вината за лошиот резултат се припишува и на „дупки“ во законите кои дозволуваат лабораториско тестирање, наместо тестирање во реални услови.
Ова го користеа производителите на автомобили кои направија големи разлики помеѓу „фабричките“ и реалните емисии.
Па така, јазот помеѓу реалните и декларираните емисии на јаглерод диоксид од новите автомобили во Германија значително се зголеми од 2018 година, откри Меѓународниот совет за чист транспорт (ИЦЦТ), предупредувајќи на проблематични лабораториски тестирања.
Во 2022 година, новорегистрираните автомобили во Германија испуштале во просек 14,1 отсто повеќе јаглерод диоксид отколку што официјално тврделе производителите на автомобили, објави во средата здружението. Во 2018 година разликата беше 7,7 отсто.
Декларираните емисии на ЦO2 се намалени во периодот од 2018 до 2022 година за околу 7,3 отсто. Во реалното возење тие се намалени за само 2,3 отсто, пресмета ИЦЦТ.
Во анализата, истражувачите ги споредија официјалните податоци на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за емисиите на ЦO2 со податоците за вистинската потрошувачка на гориво на повеќе од 160.000 автомобили, кои ги користеа како показател за реалните емисии на штетните стакленички гасови.
Податоците за потрошувачката на гориво беа земени од веб-страницата spritmonitor.de, а беа анализирани возилата со мотори со внатрешно согорување и стандардните хибридни возила.
Официјалните емисии на ЦO2 на новите модели на возила се одредуваат во контролирана лабораториска средина со користење на тестот ВЛТП (Worldwide Harmonized Light Vehicle Test Procedure), кој беше воведен во ЕУ во 2017 година.
Возачите плаќаат гориво повеќе од очекуваното
Тестот е потемелен од претходната постапкаНЕДЦ, па покажува пореални вредности на емисиите на штетни материи и потрошувачката на гориво.
„Доколку не се преземат соодветни мерки, официјалните вредности на емисиите на ЦO2 ќе бидат сè помалку репрезентативни за вистинските вредности, а задолжителното намалување на официјалните вредности нема да се одрази на реалните емисии на ЦO2“, рече научникот и коавтор на студијата од ИЦЦТ, Јан Дорноф.
Трендот ги поткопува напорите на ЕУ за намалување на емисиите на CO2 поврзани со сообраќајот со построги регулативи, смета Дорноф.
„Треба да се додаде дека потрошувачите плаќаат гориво повеќе од очекуваното“, додава тој.
Од 2010 година, производителите треба да објават колку јаглерод диоксид испуштаат нивните автомобили и да платат надомест доколку емисиите ја надминат пропишаната граница. Од 2035 година новите автомобили повеќе не треба да испуштаат штетни гасови.
Со цел да се затвори разликата помеѓу реалните и декларираните емисии, истражувачите предлагаат користење на податоци од уреди за мерење на потрошувачката на гориво, кои се задолжителни кај новите возила од почетокот на 2021 година.
„Регулаторите на ЕУ сега ги имаат вистинските алатки за да ја поправат оваа празнина со транспарентни и сигурни податоци“, рече извршниот директор на ИЦЦТ, Питер Мок.
Меѓународниот совет за чист транспорт (ИЦЦТ) е независна истражувачка организација која учествуваше во откривањето на фалсификувањето на податоците за емисиите на дизел од страна на Фолксваген во 2015 година во САД.