На ТЕХНОФЕСТ се одржа првото претставување на крстосувачката ракета КЕМАНКЕШ             Фото: АА

Турската компанија „Бајкар“ на јавноста ѝ претстави нов производ од одбранбената индустрија, станува збор за паметната крстосувачка ракета БАЈРАКТАР КЕМАНКЕШ.

На аеродромот „Ататурк“ во Истанбул во четвртокот започна ТЕХНОФЕСТ, најголемиот турски фестивал за воздухопловство и технологија. Петдневниот фестивал содржи бројни настани како што се технолошки натпревари, авиошоуа, концерти и семинари.

На настанот се одржа и првото претставување на крстосувачката ракета КЕМАНКЕШ развиена од компанијата „Бајкар“, позната на светската јавност по успешниот развој и производство на беспилотни летала.

Шефот на инженерскиот тим на платформата на „Бајкар“, Бурак Озбек изјави дека БАЈРАКТАР КЕМАНКЕШ е развиена за да ја зголеми офанзивната способност против стратешките цели со беспилотното летало Бајрактар ТБ2. Тој додаде дека покрај Бајрактар ТБ2, КЕМАНКЕШ може да се интегрира со сите летала од таа компанија.

„Со ласерски водена муниција што моментално ја користиме мора да се приближите до целта и да ја видите целта. Тоа ве става во ризичната зона. Бидејќи обезбедуваме комуникација воздух-воздух особено со леталото ТБ2, КЕМАНКЕШ ја постигна способноста за напад на непријателските елементи од многу поголема далечина, дури и без влегување во ризичното подрачје. Таа е способна да нападне цел со обработка на снимки со помош на сопствен систем и вештачка интелигенција. Исто така може да дејствува и во средини на електронско војување со сопствените GNSS-системи против пречки. Во таа смисла, сметам дека ТБ2 значително ќе ги зголеми своите можности“, рече Озбек.

Нагласувајќи дека овој проектил е во фаза на напредни тестови, Озбек рече дека ќе биде вклучен во масовно производство до крајот на оваа година.

Вкупната тежина на КЕМАНКЕШ е 35 килограми, вклучувајќи ја и боевата глава од шест килограми. Погонот на ракетата е млазен мотор и максималниот домет ќе ѝ биде 250 километри.

AA
Популарни