Кинеската сонда „Chang'e-6“ денеска ја напушти површината на Месечината откако собра примероци од далечната, темна страна на небесното тело, објави Кинеската Национална вселенска агенција (ЦНСА).
Сондата полета од Месечината откако ја заврши својата историска мисија, собирајќи примероци кои потенцијално ќе им дадат на научниците нови информации за формирањето на Месечината и Сончевиот систем, пренесува новинската агенција Ксинхуа.
Сондата собирала примероци од површината со роботска рака и под површината копајќи со бушилица.
„Chang'e-6“ сега ќе го чека во орбитата на Месечината оптималниот момент за враќање на Земјата и ќе се обиде да слета на северот на Кина, во автономната област Внатрешна Монголија.
Сондата полета до Месечината на 3 мај, а слета на Месечината во неделата.
Тогаш ЦНСА објави дека, поради тешката контрола на сондата поради слаб сигнал на далечната страна на Месечината, операцијата за собирање примероци ефективно ќе трае околу 14 часа, како и дека сондата ќе донесе одредени одлуки независно, без човечки инструкции.
„Chang'e-6“, шестата лунарна сонда именувана по кинеската божица на месечината, е првото вселенско летало кое ќе донесе примероци од таканаречената „темна страна“ на Месечината, која всушност не е темна, туку се нарекува така бидејќи е невозможно да се види од Земјата - движењето на сателитот околу него трае онолку долго колку што неговата ротација околу неговата оска.