Анализата на податоците од британската Биобанка откри варијанти кои потекнуваат од неандерталците поврзани со раното станување / Photo: Getty Images

Тим американски научници објави студија според која неандерталците (Homo neanderthalensis) се виновни за постоењето на „утринските птици“ меѓу луѓето

Генетските варијации на нашите роднини хоминини укажуваат на предиспозиција за рано будење, а овие гени им биле пренесени на нашите предци (Хомо сапиенс) преку вкрстување.

Истражувањето исто така открива дека некои луѓе денес „го негуваат тоа генетско наследство“.

Неандерталците се сметаат за наши најблиски изумрени претци. Нивната линија се оддалечила од семејното стебло, што на крајот довело до формирање на денешните луѓе пред 70.000 до 300.000 години. Современото човештво се појавило пред околу 300.000 години во областа на централна Африка.

Неандерталците го поминале најголемиот дел од своето постоење во делови од денешна Европа и Азија, а изумреле пред околу 40.000 години.

Неодамнешните истражувања покажуваат дека неандерталците не само што живееле со луѓето, туку и комуницирале меѓу себе. Можно е оваа интеракција да започнала пред околу 70.000 години кога современите луѓе ја напуштиле Африка и се прошириле низ Европа и Азија, каде што дошле во контакт со неандерталците.

Авторите на студијата тврдат дека некои од овие генетски остатоци би можеле да бидат причина за тенденцијата за рано станување кај некои луѓе.

Генетски варијации

Нашата тенденција да се разбудиме порано или подоцна е делумно одредена од нашиот деноноќен ритам, нашиот внатрешен биолошки часовник.

Истражувањето сугерира дека неандерталците, кои обично живееле на повисоки географски широчини, поседувале генетски варијанти прилагодени за рано будење.

Кога современите луѓе се населиле во овие области и се мешале со неандерталците, овие гени имале поголема веројатност да преживеат и да бидат пренесени на денешните луѓе.

За да ја тестираат оваа хипотеза, научниците идентификувале стотици можни генетски варијации кои влијаат на деноноќниот ритам кај луѓето и неандерталците. Користејќи вештачка интелигенција, тие пронајдоа генетски варијанти кои резултираат со значително различни биолошки часовници за двата вида.

Анализата на податоците од британската Биобанка откри варијанти кои потекнуваат од неандерталците поврзани со раното станување.

Водачот на студијата, епидемиологот Џон Капра од Универзитетот Калифорнија во Сан Франциско истакна дека откриле значајни генетски разлики во биолошкиот ритам на неандерталците и современите луѓе.

Затоа, научниците планираат да спроведат слични студии на различни човечки популации за подобро да ги разберат другите заеднички особини обликувани од неандерталците.

TRT Balkan / агенции
Популарни