Професии на кои „им се заканува“ вештачката интелигенција     Фото: TRT Balkan

Кога зборуваме за роботи и алгоритми кои ќе ги заменат луѓето на некои работните места често мислиме на вработени на каса во маркет, такси возачи или работници на лента во фабрика. Овие работни места се под директна закана од самовозечките автомобили, касите за самонаплата или пак роботите во фабриките.

Студија од Универзитетот во Оксфорд, сугерираше уште во 2013 година дека дури 35 отсто од работните места во Велика Британија може да бидат изложени на ризик од автоматизација во следните 20 години.

Сè повеќе, софистицираните алгоритми базирани на вештачка интелигенција и машинското учење се „закануваат“ да преземат доброплатени работни места за кои до неодамна можеби се сметало дека единствено луѓето можат да ги извршуваат.

Радиолозите на удар

Веќе постои софтвер развиен од истражувачи од Медицинскиот факултет на Стенфорд Универзитетот кој за 90 секунди чита 420 рентген снимки, работа за која на радиолог му требаат во просек три часа. Во 11 од 14 случаи, софтверот поставува точна дијагноза исто или попрецизно од радиологот.

Вотсон од ИБМ докажа дека може да дијагностицира рак на белите дробови со анализирање на скенови од магнетна резонанца многу посигурно од луѓето, а болници во Калифорнија веќе имаат роботски контролирана аптека која автоматски издава рецепти врз основа на бар-кодови.

И додека вештачката интелигенција во доменот на дијагностиката и хирургијата зема замав, генерално во здравството се смета дека најтешко заменлив ќе биде медицинскиот персонал кој директно се грижи за пациентите особено онаму каде е неопходен човечки контакт како во палијативната нега.

Адвокатите не се прославија

На тест-натпревар за креирање правни аргументи кои би ги бранеле и оспорувале одредбите од правни договори, вештачката интелигенција LawGeex постигна 94% точност, наспроти 20 успешни адвокати со повеќедецениско искуство избрани од адвокатски фирми во САД, кои имале 85% точност.

Софистицираните алгоритми можат да пребаруваат огромни бази на закони, договори и акти со неверојатна брзина и да прават синтаксичка анализа и препознавање на клучни зборови поуспешно и за пократко време од правниците.

Една од најскапите услуги на адвокатите во светот е предвидување на исходот на големите случаи врз база на нивното искуство. Статистичкиот модел создаден од истражувачите од Државниот универзитет во Мичиген и Правниот колеџ во Јужен Тексас уште во 2014 година успеа да го предвиди исходот на речиси 71 отсто од случаите на Врховниот суд на САД.

Оттогаш системите на база на вештачка интелигенција, кои преземаат работни задачи од адвокати и правници, само напредуваат и стануваат попрецизни и посеопфатни.

Софтверите се поуспешни и во избор на порота, испитување сведоци и истражување на случаи.

Архитектите во партнерство со вештачката интелигенција

Архитектите веќе користат ВИ алатки кои овозможуваат брза лесна и прецизна проценка на комплицирани пресметки за градба.

Примената на вештачка интелигенција може да придонесе за подобро урбанистичко планирање и да овозможи одржлив развој и хумано живеење во градовите. За пример, норвешката технологија Спејсмејкер, применета во рани фази на урбанистичко планирање, ги предвидува сите проблеми кои може да произлезат како несодветен проток на ветер, загадување, бучава, изложеост на дневна светлина, сообраќајна поврзаност, паркирање итн. и нуди решенија за истите.

Развојот на софтверот можеби нема да ја замени креативноста на архитектите но ќе придонесе дел од нивната работа да се автоматизира.

Вашата апликација за кредит е одбиена

Берзанските и брокерите во осигурителни компании како и службениците за кредити во банките веројатно многу брзо ќе ја почувствуваат конкуренцијата од ВИ.

Во светот веќе се користат софтвери кои ги обработуваат апликациите за кредити или за исплати на отштета во осигурителните компании според однапред наведени критериуми и како што се тврди без можност за грешка и пристрасност. Виртуелни асистенти комуницираат со корисниците и реализираат услуги како отворање сметка и процесирање барања, а напредни софтверски решенија спречуваат измами во финансискиот сектор.

„Видовити“ полицајци

Колку и да наликува на приказната од филмот „Малцински извештај“ сепак софистицирани алгоритми за предвидување криминални дејства и проценка на потребата од засилено полициско присуство веќе се развиени и се во употреба.

Уште во 2003 година беше употребен софтвер за предвидување на обемот на потребно полициско присуство во Њујорк на новогодишната ноќ, а резултатите беа впечатливи: 47 отсто помалку инциденти со пукање од огнено оружје и 15.000 долари заштеда на персонални трошоци во периодот од 8 часа. Подобро предвидување на ризикот би значело вработување на помал број службеници во полицијата.

Различни облици на ВИ се развиваат паралелно во доменот на спроведување на законот, а едно од достигнувањата е полицајката Ела, робот кој во 2020 стана прв ВИ службеник во полицијата на Нов Зеланд.

Промената е единствена константа

Голема е веројатноста дека многу работни места ќе исчезнат од пазарот на труд, други ќе се изменат и ќе ги инкорпорираат продобивките од вештачката интелигенција, но не е се така црно бидејќи од технолошкиот развој произлегуваат нови професии. Некој треба да ги „храни“ со податоци, да ги програмира и тренира тие машини што значи дека допрва ќе има потреба од специјалисти за вештачка интелигенција и машинско учење.

TRT Balkan
Популарни