2023 година беше најтоплата година досега поради ефектот на Ел Нињо, истакна турски климатолог, очекувајќи температурните рекорди најверојатно да продолжат до летото 2024 година.
Климатските промени и глобалното затоплување ги предизвикаа 10-те најтопли години забележани меѓу 2010 и 2022 година.
Левент Курназ, раководител на Центарот за климатски промени и политички студии на Универзитетот „Богазичи“ во Истанбул, рече дека Ел Нињо предизвикува раст на просечните температури низ светот, што доведува до уште повисоки температури.
Терминот Ел Нињо се однесува на затоплување на површината од океанот или натпросечни температури на површината на морето во централниот и источниот тропски дел на Тихиот Океан.
Курназ истакна дека екстремните временски состојби стануваат почести и поостри паралелно со атмосферското затоплување, и дека Ел Нињо го зголемил интензитетот и на топлината и на врнежите. Ова е причината што околу половина од 2023 година беше обележана со температурни рекорди.
„2023 година беше најтоплата година што ја доживеало човештвото. Не се има доживеано вака топла година во изминатите 125.000 години. Особено во втората половина на годината, од јули наваму, ефектот на Ел Нињо исто така стапи на сила и температурите почнаа да се качуваат многу над нормалните. Претходните најжешки години беа 2016 и 2020 година, кои исто така беа погодени од Ел Нињо. 2023 е далеку пред овие години. Се чини дека ја поминуваме целта од 1,5 степени Целзиусови, за што често се говори во Парискиот договор, оваа година“, рече тој.
Тој ја нагласи итноста на ситуацијата со набројување на екстремните временски случувања, како катастрофата од поплавите во либискиот град Дерна минатата година како „најекстремниот временски настан“ во 2023 година. Климатологот Курназ рече дека Ел Нињо носи неочекувани состојби и ги интензивира очекуваните.
Курназ рече дека ефектите од Ел Нињо ќе продолжат и во 2024 година и предупреди дека тоа ќе доведе до континуирани сериозни временски случувања и високи температури.
„Туркије и Европа ќе претрпат силен топлотен бран до средината на следното лето, продолжувајќи го периодот на рекордни температури“, рече тој.
„Очекуваме ова да продолжи барем до март и април. Не е можно брзо да се предвиди Ел Нињо. Не е лесно од денешна позиција да се каже што ќе се случи во јуни, но прогнозите велат дека Ел Нињо ќе станува сѐ поостар. Веројатноста дека Ел Нињо што го доживуваме е најтешкиот што сме го виделе досега е над 50 отсто“, рече Курназ.
Експертот за климатски состојби, исто така, се осврна и на потребите за вода на Туркије, надевајќи се на повлажна зима и пролет за да се ублажат влијанијата од претходните сушни години врз земјоделството и водните ресурси.