Алпер Гезеравџи, кој ја заврши турската научна мисија со екипаж во вселената и слета на Земјата по 18 дена поминати на Меѓународната вселенска станица, се врати дома.
Турскиот астронаут, по успешната мисија во вселената, беше пречекан од министерот за индустрија и технологија Мехмет Фатих Качир и други официјални лица на аеродромот Есенбога во главниот град на Туркије, Анкара.
Гезеравџи и неговото семејство беа пречекани од група деца кои му врачија цвеќе, му честитаа и аплаудираа користејќи ја приликата да се фотографираат со него.
Туркије стана 22-та земја што стигна до Меѓународната вселенска станица.
Капсулата Драгон на Спејкс Икс, со екипажот Aкс-3, слета во океанот во близина на брегот на Флорида во петокот. Екипажот на Aкс-3 ја напушти Меѓународната вселенска станица на 7 февруари во 17:20 часот по средноевропско време.
Капсулата Драгон, со екипажот Aкс-3, беше успешно лансирана од вселенскиот центар Кенеди на НАСА во Флорида на 18 јануари. Екипажот на Aкс-3, чие патување траеше околу 36 часа, пристигна до Меѓународната вселенска станица на 20 јануари.
За време на нивниот двонеделен престој на станицата, пилотот на турските воздухопловни сили, полковник Алпер Гезеравџи и уште тројца членови на екипажот од Шпанија, Италија и Шведска извршија повеќе од 30 научни експерименти, од кои околу половина Гезеравџи ги изврши сам.