Пандемијата од коронавирусот (Ковид-19) донесе многу предизвици во сите општествени сфери, не само за здравството. Предизвика значителна трансформација и врз економијата и начинот на работењето на компаниите. Со цел да ги остварат своите предвидени цели компаниите ги насочија ресурсите на дигитализацијата на процесите што се покажа корисно. Ова го потврдува извештајот за дигитализација на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за 2021 година.
Дигиталната трансформација пресудна за опстанок
Сублимирано, според извештајот, дигитализираните компании во пандемијата подобро поминаа од оние кои не се дигитализирани. Речиси половина компании во Европската Унија (ЕУ) инвестирале во дигитализацијата како одговор на пандемијата, се наведува во извештајот.
„Во текот на пандемијата дигиталната трансформација често беше пресудна за опстанок на фирмите и ја забрза трансформацијата на европското стопанство“, рече Рикардо Мурињо Феликс, потпретседател на ЕИБ.
Според него, кризата приморала многу компании да ги запрат посложените процеси на дигитализацијата, но со влегувањето во „новата нормалност“ од клучно значење е тие процеси повторно да почнат и да се забрза темпото на напредната дигитална трансформација во ЕУ.
Дигитализираните компании попродуктивни
Според извештајот на ЕИБ, дигитализираните компании во просек беа попродуктивни, поиновативни, забележаа побрз раст и исплатуваа поголема заработка. Сепак, со напредокот на дигитализацијата се зголеми и дигиталниот јаз во Европа.
Меѓу компаниите во ЕУ, 26 отсто не инвестирале во дигитална трансформација, бидејќи нив им била потребна поголема поддршка за да ја одржат конкурентноста и да избегнат заостанување во текот на стопанското опоравување.
Според извештајот на ЕИБ за минатата година, Финска и Малта се две држави кои најдалеку отидоа кога дигитализацијата е во прашање, а ги следат Данска, Австрија, Холандија и Шведска.