Откако добија одобрение од владата, четири кинески технолошки фирми, вклучувајќи ги Баиду и Сенс Тајм Груп ги лансираа во јавноста своите апликации за вештачка интелигенција.
Водечкиот кинески пребарувач Баиду објави дека Ерни Бот, нивниот чатбот сличен на ЧатГПТ сега е целосно достапен за јавноста.
По објавувањето, Ерни Бот брзо го зазеде првото место во категоријата бесплатни апликации на Епл Стор во Кина. Четботот е достапен и преку нивната официјална веб-страница.
Портпаролот на Сенс Тајм потврди за Ројтерс дека и нивниот четбот СенсЧет исто така е достапен за јавноста. Покрај нив, лансирање на слични апликации најавија уште две компании Баиќуан Интелиџент Технолоџи и Жипу АИ.
Кинеските медиуми објавија дека вкупно 11 фирми добиле одобренија од владата, вклучувајќи го и БајтДенц, сопственикот на TикToк.
За разлика од другите земји, Кина бара од компаниите да поднесат безбедносни проценки и да добијат одобрение пред да ги пласираат производите со вештачка интелигенција на пазарот.
Властите неодамна ги засилија напорите за поддршка на компаниите кои развиваат вештачка интелигенција, бидејќи технологијата се повеќе станува фокус на конкуренцијата со Соединетите држави.
Компанијата ОпенАИ која го создаде ЧатГПТ е на пат да генерира повеќе од 1 милијарда долари приход во следните 12 месеци, беше претходно објавено.
Одобрувањата за технологијата за вештачка интелигенција беа нашироко очекувани откако Кина објави серија правила насочени кон регулирање на генеративните производи со вештачка интелигенција за јавноста. Правилата стапија на сила на 15 август.
Правилата за вештачка интелигенција бараат од компаниите да спроведат безбедносен преглед и да добијат одобренија пред нивниот производ да биде јавно лансиран.
Пекинг, исто така, бара од компаниите кои обезбедуваат генеративни услуги за вештачка интелигенција да се усогласат со владините барања за технологија и податоци.
САД во моментов немаат регулативи за вештачка интелигенција, додека Европската унија работи на АИ Акт, сеопфатен Закон за вештачката интелигенција.
Се очекува тој да биде усвоен до крајот на годината, што ќе го направи првиот поголем закон за регулирање на вештачката интелигенција во светот.