Во последниот период социјалните мрежи се преплавени со еден ист вид на реклами за мобилни видео игри кои се полни со интересни загатки и возбудливи битки. Но, всушност овие игри не постојат.
Станува збор за еден нов вид на измама на смартфон кој за среќа не е поврзана со штетен софтвер или кражба на податоци, туку на подмолно извлекување пари од корисниците.
Наведувачкиот маркетинг во светот на гејмингот не е нешто ново, и е често користена практика на студијата за видео игри за да создадат интерес. Но, ова е сосема друг вид на лажно рекламирање. Едно е играта да не се поклопува со рекламираната графика, а сосема друго е играта всушност и воопшто да не постои.
Брза забава, лесна измама
Ние инсталиравме неколку од најрекламираните наслови и беа потребни само 20 минути игра за да ни побараат пари за да продолжиме со самата игра.
Насловите се бесплатни за инсталирање и се легално поставени во Play Store или App Store.
Нашиот избор имаше над 10 милиони преземања што ја прави една од најпопуларните игри, а има и такви со по десетици милиони преземања.
Целиот модел се базира на градење база за собирање ресурси. Но, за да го отклучите следното ниво треба да чекате по неколку часа, а за напредните стази и по неколку денови.
За да го забрзате процесот на градба ви се потребни токени кои може да ги платите со вистински пари.
Ваквите девелопери на видео игри имаат десетици подготвени реклами кои постојано се појавуваат на социјалните мрежи и сите се речиси исти.
Брз гејмплеј, возбудлива акција и напредни загатки кои треба да ги решите. Но во самата игра која е обична стратегија за градење база, директните битки или загатки се вистинска реткост.
Зошто никој ништо не презема?
Девелоперите одат на картата дека некој ќе стане толку зависен од играта што ќе почне да троши вистински пари за да напредува. Нешто слично како слот игрите во казино што ја покажува нечесната страна на навидум наивните мобилни игри.
Исто така големите платформи не преземаат ништо за заштита на корисниците кои се доведени во заблуда поради наведувачиот маркетинг. Тие заработуваат од прикажаните реклами и една третина од профитот кој ќе го генерира самата игра.
За корисниците да се заштитат се препорачува да инсталираат игри од безбедни извори, да не дозволуваат пристап до сензитивните податоци на телефонот и да внимаваат на гејмплејот плати за да победиш.