Цели 75 години националниот ансамбл Танец ги собира и негува македонските традиционални песни, и игри, народните носии и инструменти. Тој е еден од темелите на македонската државност. Седум и пол децении овој чувар на македонскиот идентитетски код е еден од најголемите амбасадори на македонската култура и традиција во светот.
Сето ова беше причина екипата на ТРТ Балкан неодамна да ги посети членовите на ансамблот и да поразговара со директорката на “Танец” Весна Митевска.
Настапи насекаде низ светот
Ако пробате да истражувате каде во светот ансамблот нема настапено, тоа тешко ќе ви појде од рака. Не постои континент каде Танец не се претставил. Ансамблот има преку 5 000 самостојни концерти. На публиката не и преостанува ништо друго, освен да му се препушти на уникатното задоволство.
“Оној татнеж кога ќе започне концертот, кога ќе грмнат тапаните и зурлите, не верувам дека некого би оставил ранодушен и сигурна сум дека со еден здив го гледаат концертот на “Танец”, вели директорката Митевска.
40 играорци, 20 вокални исполнители и 20 инструменталисти изгледаат моќно на сцена. Се прикажуваат различни кореографии, ора и песни. Бројните награди во земјата и странство се уште една потврда за квалитетот.
“Во репертоарот на Танец се застапени повеќе од 90 кореографии. Кореографиите се од секој регион во државата”, вели Митевска.
Прва жена директор
Таа е првата жена на чело на ансамблот за време на 75 годишното постоење.18 години била дел од пејачкиот и составот на играорци,а од 7 години е во културно – уметнички друштва. Една од главните желби и е Танец да има матична сцена.
“За да дадеме еден концерт тука во Скопје ние сега зависиме од слободните термини на сцените како што се Опера и балет и Македонскиот народен театар. Ќе се посветам за сето тоа да биде во една скора иднина затоа што Танец тоа го заслужува. Танец е кодот, Танец е душата на македонската држава”, истакнува дирекорката.
Во Декември Танец ќе одржи јубилеен концерт по повод 75 години од основањето.