Друштвото на писателите на Македонија / Photo: МИА

Друштвото на писателите на Македонија одбележа 77 години постоење. Формирано на 13 февруари 1947 година од страна на осум македонски писатели, друштвото се залага за промовирање и афирмација на македонското творештво.

По повод годишнината, вчера во свечената сала на Друштвото на писателите на Македонија, се одржа Отворен поетски ден каде се читаше поезија од повеќе македонски автори.

„Тринаесетти февруари е најголемиот празник на македонските писатели, зашто Друштвото на писателите на Македонија е најстарата, најмасовната и најреномираната писателска асоцијација кај нас“, велат од ДПМ.

Инаку, Друштвото на писателите на Македонија во моментов поминува низ кризен период.

Според актуелниот претседател Христо Петрески, кризата во која се наоѓа ДПМ се должи на внатрешни поделби – антагонизам меѓу повозрасни и помлади членови, дури и поделби меѓу членови од Скопје и од внатрешноста, а дека нападите по социјалните мрежи во изминатиот период често се од луѓе кои и не се членови на ДПМ и чија намера е да му наштетат.

ДПМ ФБ страна на ДПМ

„Срамно е тоа што се случува во оваа организација, која е еснафска, па и синдикална. Покрај мене има многумина истомисленици и нема да дозволиме ДПМ ниту да исчезне, ниту да пропадне ниту да се разнебити... Да сме поорганизирани и посложни и да не се критикуваме по медиуми, треба да се избориме за авторските хонорари кои се никакви, за третманот во медиумите, треба македонските писатели да гостуваат во странство, да излезат од локални рамки“, истакна Петрески.

По две неуспешни вонредни изборни собранија во ноември и јануари, Друштвото на писателите на Македонија за 1 јуни закажа редовно изборно собрание кога се очекува членството да избере нов претседател и претседателство на оваа писателска асоцијација.

Основачи на Друштвото на писателите на Македонија се Васил Иљоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов. За прв претседател на асоцијацијата бил избран Блаже Конески.

TRT Balkan / агенции
Популарни