Државниот врв со честитки по повод Рамазан Бајрам

Празниците се денови кога членовите на семејствата, соседите, пријателите се заедно и споделуваат меѓусебна почит, разбирање, солидарност. Токму на овие вредности, ние заедно го градиме и нашето еднакво општество за сите граѓани, промовирајќи ја мултикултурата како функционална придобивка и со оваа посебност ја интегрираме државата во европското семејство на народи и држави, напиша премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски во честитката по повод празникот Рамазан Бајрам упатена до до поглаварот на Исламската Верска Заедница, Реис ул Улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаху, до членовите на Ријасетот и на Муфтиствата, како и до сите верници од исламска вероисповед, кои празнуваат.

Во време на безбедносни и економски предизвици на европскиот континент, како што посочува Ковачевски, Република Северна Македонија е корисен, уникатен пример, за негувањето и развојот на различните традиции, вери, заедници.

Честитка упати и македонскиот претседател Стево Пендаровски. На верниците од исламска вероисповед Пендаровски им посака празникот да го поминат во мир, хармонија, среќа и радост.

„Во духот на Рамазан да даруваме, помагаме и шириме добра волја. Без разлика на верската, етничката и политичката припадност да имаме разбирање и почит кон сите наши сограѓани. Заедно, сплотени и солидарни да работиме на напредокот и благосостојбата на нашата заедничка татковина”, вели Пендаровски во честитката.

Претседателот на македонското Собрание Талат Џафери упати честитка од лично име и од име на пратениците.

„Свеченото чувство и топлото зрачење продира до срцата и домовите на сите. Се надевам дека во периодот што го оставаме зад нас успеавме да го извлечеме од себе најдоброто. Дека успеавме да споделиме со блиските, со познатите и тие во потреба зборови на надеж, дела на солидарност, почит и разбирање, но над сѐ, да ја споделиме трпезата и сето тоа што го имаме”, напиша Џафери.

Популарни