Владата на Северна Македонија организира дводневна годишна конференција со наслов „Година на европски можности“.
Во текот на конференцијата се одржуваат повеќе панел-дискусии во кои учествуваат министри, пратеници, претставници на институциите, на деловната заедница, граѓанскиот сектор и професори.
Премиерот Димитар Ковачевски во воведното обраќање зборуваше за економските постигнувања на земјата, истакнувајќи дека во текот на мандатот на оваа влада се покачени платите и пензиите.
Тој додаде дека минатата 2023 година беше година на рекордно исплаќање на финансиска поддршка на компаниите, односно 40 милиони евра се исплатени кон 513 компании.
„Во овие 6 години, Владата со 100 милиони евра поддржа 919 домашни компании за нивните инвестициски циклуси, со реализирани половина милијарда евра инвестиции. До 2017 година, поддршката од државата кон домашните компании изнесуваше нула денари. Сето ова резултираше со намалување на невработеноста, денес за прв пат имаме невработеност под 13 %. А идната година, за прв пат ќе имаме невработеност која ќе биде едноцифрена“, рече Ковачевски.
Тој зборуваше и за евроинтеграциите, истакнувајќи дека „земјата ја донесовме пред вратите на Европската Унија“.
Ковачевски потсети дека земјата ги започна преговорите за членство и успешно го заврши скринингот, додавајќи дека „за сите нас, друга алтернатива не постои“.
„Оваа е година на многу значајни внатрешни, домашни одлуки. Дали, со кого и на кој начин, колку брзо и квалитетно ќе продолжиме по патот на прогресот за кој говорев пред малку. Токму оваа 2024 година, е клучна година за забрзување на реформите и забрзана интеграција на заедничкиот европски пазар пред целосното членство во ЕУ. Немаме право да стоиме во место, уште помалку да се враќаме назад“, рече Ковачевски, додавајќи дека 2024 „ќе биде успешна година, ќе биде година на европска Македонија“.
Воведно обраќање имаше и првиот вицепремиер Артан Груби, кој предупреди на руско влијание во Северна Македонија.
Според него, владината коалиција изградила европски фронт на „прогресивни сили во државата“.
„Денеска, нашата заедничка држава е членка на НАТО, има отворени преговори со Европската Унија, е во стратешко партнерство со САД, има отворени врати во сите земји членки на ЕУ, претседава со ОБСЕ. Тоа е нашата (Северна) Македонија на којашто ѝ се потребни храбри лидери кои ќе се одважат себеси и ќе станат членови на европскиот фронт и ќе стават крај на руското влијание во нашата земја“, рече Груби.