Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, оствари телефонски разговор со премиерот на Канада, Џастин Трудо.
Според владиното соопштение, на разговорот присуствувала и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
Ковачевски изрази задоволство што во посета на Северна Македонија била министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли, што, според него, говори за активниот и континуиран дијалог меѓу двете држави за важни теми од интерес на двете земји, на Европа и пошироко.
„Во разговорот беа опфатени неколку теми во насока на натамошно продлабочување на билатералните односи, како и соработката во рамките на НАТО и мултилатералната сцена“, се нагласува во соопштението.
Ковачевски истакнал дека долгорочен интерес на Северна Македонија е севкупно развивање на односите и соработката со Канада, која, како што нагласил, од самите почетоци на независноста на Северна Македонија манифестира активна поддршка на реформските, европското и евроатлантското интегрирање на земјата.
Од двете страни е потенцирана важноста на продолжувањето на започнатиот процес на интегрирање на Северна Македонија во ЕУ, кој нуди сигурен, предвидлив и безбеден пат за нејзиниот просперитет и напредок како дел од европското семејство на народи.
Канадскиот премиер Трудо изрази задоволство од одличната соработка на двете држави во НАТО, посебно од учеството на војници на Северна Македонија во борбената група за зајакнато истурено присуство во Латвија, која е под канадска команда.
Трудо истакна дека оваа група овозможува значајна соработка меѓу сојузниците од различни земји во зајакнувањето на трансатлантската одбрана и безбедност, а војниците на Северна Македонија, како дел од неа, се високо почитувани од страна на канадските колеги.
„Нашата соработка е силна во НАТО, во ЕУ и во Украина и знам дека народот на Северна Македонија разбира дека иднината на земјата е светла како дел од напредните европски демократии“, истакна премиерот Трудо и додаде: „Северна Македонија може секогаш да смета на Канада.“
Ковачевски се осврна и на важноста на македонската заедница во Канада и нејзиниот значаен придонес во канадското општество.